Нема додаток на платата за јуни за вработените во правосудството, Судскиот совет ја укина одлуката оти Министерството за финансии не може да им даде пари

Вработените во судството нема да добијат додадоци на платата за месец јуни. Судскиот буџетски совет денеска одржа итна седница на која ја укина претходно донесената одлука да се обезбедат пари за додатоците за јуни за вработените во судството. Оваа одлуката Судскиот буџетски совет ја однесе откако добиле негативен одговор од Министерството за финансии на нивното барање да се пренаменат пари за обезбедување на додатоците на плата.

„По разгледување на горенаведените одговори и даденото образложение од страна на претставникот од Министерството за финансии дека во буџетот на судската власт нема фискален простор за исплата на додатоци на плата за месец јуни, со објаснување дека согласно прописите од буџетското работење не треба да се преземаат обврски над лимитот од одобрените средства со буџетот, Судскиот буџетски совет донесе одлука за ставање вон сила на претходната одлука од 7 јули. Советот донесе нова за необезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месец јуни 2023 година за судските службеници, вработените во Судскиот совет и во Академијата за судии и јавни обвинители“, соопшти Судскиот совет.

Членовите на Судскиот буџетски совет, додаваат оттаму, максимално се заложија да најдат начин согласно закон преку пренамена да обезбедат средства за исплата на додатоци на плата за вработените во судството, имајќи ја во предвид преоптовареноста во работењето на судската администрација, вработените во Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители, нивните барања односно најавите за штрајк, како и фактот дека правото на додаток на плата е утврдено согласно важечките законски одредби.

„Меѓутоа, и покрај заложбите на членовите на Судскиот буџетски совет, Министерството за финансии како надлежен орган не даде согласност за бараните пренамени со цел обезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месец јуни 2023-та година“, велат од Советот.

На седницата на 7 јули Судскиот буџетски совет донесе одлука да се обезбедат пари за исплата на додатоци на платата за  јуни 2023 година во висина од 15 отсто за судските службеници, вработените во Судскиот совет и Академијата.

„Во однос на висината на додатокот на плата, Судскиот буџетски совет смета дека не треба да се врши поделба на службите во судството и дека истите треба да земат додатоци за плата во еднаква висина“, соопшти тогаш Советот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот