Фото: Весна Дамчевска

Нема да дозволиме ценовен шок со парното греење

Цената од ТЕ-ТО е трипати пониска од онаа на топланите. Ако не се пушти во употреба неговиот топловод поврзан со мостот Беласица, Регулаторната комисија нема да донесе нов ценовник и ќе останат ланските цени

Регулаторната комисија за енергетика нема да излезе со нова цена доколку ТЕ-ТО не биде ставен во функција. Овој, пак, најважен капацитет за топлинската енергија нема да може да биде вклучен во системот, ако не се пушти во употреба топловодниот систем, што е под знак прашалник откако се случи проблемот со мостот Беласица. Доколку ТЕ-ТО не ги снабдува скопјани со топлинска енергија, на неговите корисници би им се случило ценовно цунами, но претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски тврди дека тоа нема да се дозволи.

-Регулаторот нема да донесе нова цена за топлинска енергија додека не добиеме цврсто уверување дека ТЕ-ТО е ставен во функција, што значи дека ќе се применува ланската цена – изјави Бислимоски во Охрид каде што се одржа дводневна работилница за енергетиката.

Но, тој рече дека очекува разумно и одговорно однесување и дека топловодот ќе биде ставен навреме во употреба. Но, дали во тој случај ќе има пониска цена за парното греење со оглед на намалената цена на гасот во однос на ланската сезона, Бислимоски рече дека не го знае тоа, затоа што има низа фактори.

– За две недели треба да донесеме нов правилник, па потоа да се утврди новата цена. Но, што и да се случи, нема да има ценовни шокови. Треба да имаме предвид дека треба да ѝ се вратат на Владата 6 милиони евра, позајмени во текот на минатата сезона. Треба да утврдиме како ќе се вратат, на рати, или одеднаш. Потоа, треба да видиме колку и дали цената на парното греење ќе биде субвенционирана – вели Бислимоски. Тој објасни дека цената од ТЕ-ТО е трипати пониска од онаа на топланите и дека ТЕ-ТО обезбедува околу 60 проценти од топлинската енергија.

Инаку, од оваа сезона сите корисници на топлинска енергија ќе плаќаат иста цена, независно дали се приклучени на ЕСМ, кој ги презеде корисниците на БЕГ, на топланата „Скопје Север“, или на ЕСМ-Енергетика. Од ЕСМ се снабдуваат околу 58.000 корисници, од „Скопје Север“ – 400 и од „железарското парно“ – 1.900 корисници.

Централното греење во Скопје е многу важно, во спротивно со префрлање на корисниците на парно греење на електрична енергија, би се загрозил енергетскиот систем во државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот