Не стивнуваат критиките по доделувањето на „Златната топка“ на Меси: Се избира најдобриот во годината, а не најдобриот на сите времиња

Изборот на Меси за најдобар фудбалер во 2021 година според „Франс фудбал“ предизвика реакции во фудбалскиот свет/ фото: EPA-EFE/YOAN VALAT

Прогласувањето на Лионел Меси за фудбалер на годината во избор на „Франс фудбал“ предизвика големи реакции на новинарите, фудбалски стручњаци и фудбалери.

Најголем дел од нив сметаат дека наградата требаше да ја освои Роберт Левандовски кој во 2020 година беше избран за најдобар играч во изборот на ФИФА, но „Франс фудбал“ поради пандемијата одлучи да не ја доделува „Златната топка“.

Левандовски минатата сезона постигна 41 гол во Бундеслигата со што го собори рекордот на легендарниот Герд Милер, но овој подвиг се чини немаше ист одзив во јавноста како тој на Меси кој со Аргентина триумфира на Копа Америка.

– Искрено, ништо не разбирам. Со респект кон Меси и останатите играчи, никој не ја заслужи наградата повеќе од Левандовски  – порача легендарниот германски фудбалер, Лотар Матеус.  

И останатите легенди го доведуваат во прашање изборот на Меси за најдобар во 2021 година.
– Секој пат се потешко ми е да поведрувам во овие награди. За мене, Меси е еден од петте најдобри фудбалери во историјата, но треба да започнеме да ги разликуваме тие кои беа најдобри на крајот од сезоната. Не е тешко – порача поранешниот голман на Реал Мадрид, Порто и на шпанската репрезентација, Икер Касиљас.

Гневни беа и германските медиуми, а весникот „Билд“ го постави прашањето „Зошто повторно Меси?“.
„Ова е скандалозен избор. Напаѓачот на Баерн даваше голови и носеше титули со години. Ја освои тројната круна во 2020 година, но немаше среќа бидејќи церемонијата не се одржа поради пандемијата на коронавирусот. Дури и Меси призна дека мислеше дека ќе загуби“, пишува „Билд“.

Весникот во посебен коментар констатира дека стравува од многу повреди во Минхен од вртењето на главата во неверица на одлуката Меси повторно да биде награден.
„Зошто не Пеле? И тој исто така е добар“, е ироничниот заклучок на „Билд“.

Во сличен тон пишува и италијанската „Газета дело Спорт“, која исто така се сомнева во филозофијата на изборот на престижниотр француски магазин.
„Оваа награда стана фарса“, порача „Газета дело Спорт“.

И поранешниот капитен на англиската репрезентација, Гери Линекер смета дека „Златната топка“ требаше да ја добие Роберт Левандовски.

Интересен коментар имаше и менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој исто така беше изненаден и од слабиот пласман на Мохамед Салах кој заврши на седмото место во гласањето.
– Можеме засекогаш да ја дадеме „Златната топка“ на Меси за неговата игра и кариера. Но, доколку оваа година не му ја дадете наградата на Левандовски, кога ќе го сторите тоа? – порача Клоп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот