Не ми смета болката, надежта е таа што ме убива
Пандемијата го фати светот неспремен, државите, нивните здравствени и економски капацитети, а на човекот му даде лекција или подобро речено потсетување за тоа кои се вистинските вредности кој тој веќе одамна почнал да ги напушта.
Никогаш не сум бил еуфоричен околу Нова Година, тој временски пресек измислен од човекот кој ги одвојува последните моменти од старата и почетоците на новата година се апсолутно беззначајни. Сето лошо од претходната само ќе си продолжи во идната година, 1 Јануари нема магично да ги избрише нашите проблеми, индивидуални или колективни. Знае да делува психолошки на човечкиот ум во смисол на оставање на лошото зад нас, но сепак ако суштински не промените нешто во себе, во односот кон себе и другите, во односот кон работата, природата, животните и таканатаму, сите желби за успех, здравје, среќа кои обично се кажуваат и пожелуваат во првите мигови од новата година ќе останат само тоа, желби. Следствено, злото што го зафати човештвото наречено Ковид-19 и по кое ќе остане запаметена календарската 2020 година ќе си продолжи и во наредната година, а да се надеваме не за уште долго.
Пандемијата го фати светот неспремен, државите, нивните здравствени и економски капацитети, а на човекот му даде лекција или подобро речено потсетување за тоа кои се вистинските вредности кој тој веќе одамна почнал да ги напушта. Сите сега се прашуваме што изгубивме или што научивме од оваа криза. Јас би рекол дека не сме изгубиле ништо што веќе одамна го немавме изгубено, не зборувајќи за изгубените животи се разбира. Исто така верувам дека ниедна зрела личност не научи ништо ново за себе а да веќе не го знаела, но научивме многу за другите и за средината во која живееме. Оттука, короната може само да ни помогне да се вратиме на вистинската насока, а тоа не се прави преку желби туку преку промени и дејствување. Кризата, како здравствената така и економската го извадија и најдоброто и најлошото од нас, како во светот така и во нашето општество за кое посебно би напишал неколку редови. Уште од средношколски денови сум го барал одговорот на прашањето дали луѓето се раѓаат добри или лоши или такви стануваат под влијание на околината и разните животни околности, или дали е човекот по природа себично суштество.
Посебно во вакви трагични времиња како што е пандемијата тие мисли се продлабочуваат, но колку повеќе се задлабочувате во тие мисли толку повеќе се разочарувате не можејќи да го објасните фактот што околу вас има луѓе кои и во најтешките моменти не наоѓаат сила во себе да помогнат (а можат) туку секогаш го гледаат својот личен интерес. Херман Хесе има еден брилијантен цитат во своето мастер дело „Степски волк“ кој отприлика вели вака: „Поголемиот дел од луѓето не сакаат да пливаат пред да умеат, зарем тоа не е духовито? Секако дека не сакаат да пливаат, тие се родени за тло а не за вода. И секако не сакаат да мислат, створени се за живот не за мислење! Така, кој мисли, кој од мислењето прави главна работа, тој во тоа може далеку да стигне, но тој го заменил тлото со водата, а во неа еднаш ќе се удави.“ Поентата ми е дека многу фајде од мислење нема доколку во тој процес не најдете начин да се промените на подобро пред да се „удавите“. А промените што сакате да ги видиме кај другите или во средината во која живееме, во светот воопшто секогаш почнуваат од нас, не можеме ништо да промениме ако пред тоа не сме се промениле самите. Една главна карактеристика на модерниот човек што ме тишти е недовербата, секој трга со претпоставка дека другиот е лош и дека тој (другиот) мора да ја стекне неговата доверба пред да стапи во било каков однос. Ова е еден супрематистички и во основа егоистички став на поединецот во односот со другиот, каде субјективно себе си се ставате во надредена позиција во однос на другите. Јас во животот имам еден друг пристап, секогаш тргам од претпоставката дека луѓето се добри (без разлика што одговорот на ова прашање ми останал нерешен) се додека не го докажат спротивното. Со ваквиот пристап многу пати во животот ќе се најдете повредени но исто така ќе ги пронајдете и вистинските луѓе. И ова е единствениот пристап ако сакаме да створиме еден подобар и поубав свет, свет на доверба, свет на емпатија, свет на солидарност.
Да се вратам на што тоа не потсети корона кризата. Не потсети дека живееме во еден материјален свет каде материјалното го прегазило духовното, каде материјалното се смета за вредност а е всушност само алатка која треба да му го олесни животот на човекот и да му помогне да се издигне над истото а не да биде негов роб. Најголем доказ или потсетување е фактот што од ова зло ги зафати сите и дека милионите валути створени во животот нема да ви помогнат белите дробови да добијат поголем проток на кислород кога сте закачен на респоратор борејќи се да преживеете. Не потсети дека на крајот сите ќе отидеме два метри под земја голи и сами, како и што сме родени. Увидовме дека живееме брзо и стресно, дека не доволно време посветуваме на семејството, роднините, пријателите. Мерките против корона висурсот, маските или таканаречената социјална дистанца не не одалечија едни од други, ние веќе бевме одалечени. Посебно ова го мислам за нашето општество, балканското, каде сепак постоеа сеуште некои вредности или поточно постоеше една култура на блискот малку по различна од западниот свет кој ни е секогаш репер. Во време на технолошки развој (мобилни телефони) ние не можеме да се најдеме еден со друг. Порано на гости се одеше или гости ви доаѓаа без најава и секогаш таа дружба беше прекрасна, зашто беше искрена, денес мора да се најавите и сето тоа да го организирате, ако претходно успеете да ви кренат телефон или вие на нив. Гледајќи ги оние пензионери пред маркетите или банките стуткани еден до друг ни кажува дека сме ја изгубиле и меѓугенерациската солидарност која на овие простори одсекогаш постоела. Јас бев растен и воспитуван кога одев да купам леб или лекови за баба ми Назмија, мораше да поминам и од кај баба Сава или баба Стојна да ги прашам дали нешто на нив им треба. Тие вредности чувствувам како полека полека бевме почнале да ги губиме и повторно ќе речам не е короната крива за тоа, таа може само да ни помогне да ги вратиме.
Но не е се така црно, корона кризата исто така ја исфрли на површина добрината, солидарноста, емпатијата кај повеќето од нас потсетувајќи не повторно колку се тие битни за опстанокот на човештвото и моја перцепција е дека ваквите луѓе се помногу бројни и дека на крајот ќе надвладеат, а мисијата на овие луѓе ќе биде да ги променат другите. Видете, не се и тие себичните криви, во суштина секој може да го даде само она што го има. За да помогнете финансиски треба пред се да имате пари, за да дадете љубов треба да ја имате во себе, така и со омразата, тие што сеат омраза само тоа во себе го имаат.
Да се осврнам на насловот на текстот и тука ќе завршам, „не ми смета болката, надежта е таа што ме убива“ е еден цитат од филм што го гледав неодамна и некако ми се виде сходен за опишување на моменталната фаза во која се наоѓа македонското општество. Многу негативна енергија е насобрана низ годините, многу песимизам, до тој степен што сме заслепени и секоја мала шанса за промена на подобро ја дочекуваме „на нож“. Некако како да сме се заљубиле во својата болка, сме почнале да уживаме во истата, а статус квото ни станало идеал. Ова го мислам на секое поле вклучувајќи и на политички план. Секој обид за реформа, дали во судство, дали образование, дали попис на население кој ни фали 20 години, дали напорите за приближување кон ЕУ, на сето се гледа со огромна доза на скептицизам. „Нема да не биде“ е главната мисла која е ретроградна и не може да донесе промени, ни кај себе, ни кај другите, а најмалку во општеството.
Кога веќе сме кај желбите за Нова Година, покрај здравјето тоа е мојата најголема, да ја промениме енергијата која ја зрачиме зашто таа влијае на себе и другите и да ја победиме здравствената, економската криза и сето она што ни стои на патот да станеме подобро место за живеење, да не дозволиме „надежта да биде таа која ќе не убие“.
Среќна Нова.