Не игнорирајте ги симптомите! 15 години неконтролирано ѝ растеле брадата, носот, рацете и стапалата, а тогаш ја открила ужасната причина
Ребека Чуран од Садбери, Канада, се прашувала дали ѝ се причинува кога забележила дека носот и брадата од година во година ѝ се сè поголеми. Ѝ пораснале и рацете, а бројот на чевли со текот на време ѝ се зголемил од 41 на 43.
Била очајна, а секој роденден го поминувала во солзи зашто не можела да си објасни зошто станува сè „понеубава“.
Денес 29-годишната социјална работничка била кај повеќе од 10 доктори, но никој не можел да објасни што ги предизвикува физичките промени кај Ребека.
„Ми поставуваа погрешни дијагнози: граничен дијабетес, генерализирано анксиозно пореметување, депресија и синдром на полицистични јајници“, вели таа.
„Ѝ реков на докторката дека лицето ми се менува, дека сум сè погрда и дека не сфаќам зошто се дебелеам, кога не јадам ништо“, раскажува Ребека.
Кон крајот на март 2019 година докторката ја пратила Ребека на анализа на крвта во која се мерела содржината на факторот на раст ИГФ-1, сличен на инсулинот, а кој го контролира растот на ткивата и на коските во телото. Референтната вредност е меѓу 97 и 297, зависно од староста, а кај Ребека биле измерени запрепастувачки 1015.
Дополнителните тестови покажале дека има бениген тумор на хипофизата, жлезда во мозокот која го ослободува хормонот на растот. Туморот предизвикал ретко пореметување, акромегалија – зголемено лачење на хормонот за раст, поради што органите стануваат абнормално големи.
Врзо основа на фотографиите Ребека Чуран заклучила дека 15 години живеела со тоа пореметување. Во април годинава туморот ѝ бил отстранет низ носот, а за само неколку месеци рацете, стапалата и карактеристиките на лицето ѝ се вратиле до првобитната големина.
Ребека се надева дека нејзината приказна ќе ги охрабри луѓето кои исто така имаат необјасниви симптоми, да побараат одговор.