Научникот Нил Фергусон тврди дека бројот на случаи во Обединетото Кралство може да достигне до 200.000 дневно
Научникот кој ја советува британската влада, Нил Фергусон, најави „тешко лето“. Тој тврди дека бројот на случаи може да достигне и до 200 илјади дневно, пренесува Би-Би-Си.
Препорачано
Фергусон, поради чија прогноза Обединетото Кралство ги воведе првите ограничувања, додаде дека може да има над 2.000 хоспитализации на ден, што дополнително би предизвикало големи нарушувања во работата на Националната здравствена служба.
За потсетување, во Англија и Шкотска, ублажувањето на мерките конечно ќе стапи на сила во понеделник. Но, додека земјата планира да се отвори, бројот на случаи расте во исто време – повеќе од 50.000 случаи беа регистрирани во петокот и саботата, а последен пат нивото на инфекција беше толку високо во јануари оваа година.
Професорот Фергусон, кој е дел од Научната советодавна група за итни случаи (САГЕ), за Би-Би-Си изјави дека е „скоро сигурно“ дека Велика Британија ќе достигне 100.000 случаи и 1.000 хоспитализации на ден, сето тоа затоа што престануваат сите законски ограничувања на социјалните контакти. Тој додаде дека таквата прогноза може да се опише дури и како „успех“.
„Вистинското прашање е дали ќе се удвои или ќе има повеќе од тоа. Може да имаме две илјади хоспитализирани на ден, како и 200 илјади случаи, но тоа е далеку помалку сигурно“, се прашува тој.
Фергусон посочи дека врвот на овој бран се очекува од август до средината на септември и дека се потребни околу три недели за да се види влијанието на фактот дека повеќето од мерките повеќе нема да бидат на сила.
„Ќе биде тешко лето од многу причини. Мислам дека бројот на случаи ќе почне да се намалува на крајот на септември, дури и во најлошото сценарио. Како што се приближуваме кон зимата, мислам дека веќе ќе развиеме прилично високо ниво на имунитет против Ковид. Она што навистина ме загрижува е враќање на грипот, бидејќи го немаме веќе 18 месеци“, вели експертот.
Тој додаде дека грипот „може да биде исто толку штетен за јавното здравје и здравствениот систем, до декември или јануари, како што беше порано оваа година”, пренесува Би-Би-Си.


