Научниците тврдат дека никогаш немало потопол август од последниот

Топлотен бран во Италија / Фото EPA-EFE/Riccardo Antimiani

По екстремните временски услови и разорните шумски пожари, американските и меѓународните научници издадоа предупредувања за рекордни температури и влошување на ефектите од климатските промени во последните недели.

Август оваа година бил најтоплиот август досега на планетата, а северната хемисфера го доживеа најтоплото метеоролошко лето, објави американската Национална океанска и атмосферска администрација (НОАА).

„Глобалните топлотни бранови на морето и растечкиот Ел Нињо доведуваат до дополнително затоплување оваа година, но се додека емисиите на стакленички гасови продолжуваат да го поттикнуваат постојаниот марш на затоплување во позадина, очекуваме натамошни рекорди да бидат срушени во наредните години“, соопшти главниот научник на НОАА, Сара Капник.

Предупредувањето доаѓа откако студијата објавена во списанието Сајенс Адвенсес покажала дека планетата надминала 6 од 9 прагови за процеси кои се сметаат за клучни за одржување на стабилноста и еластичноста на Земјиниот систем како целина.

Границите го вклучуваат интегритетот на биосферата, промените во свежата вода и климатските промени. Две граници – загадувањето на воздухот и закиселувањето на океаните – се блиску до прекршување, додека само една, атмосферскиот озон, малку се опорави.

„Земјата сега е далеку од безбедниот оперативен простор за човештвото“, се вели во студијата.

Според истражувачите на НОАА, температурите на глобалната површина во август биле 2,25 степени над просекот од 20 век од 15,6 степени Целзиусови, со што го надминал претходниот рекорд, поставен во август 2016 година, за повеќе од половина степен.

„Тоа е навистина голем скок од еден рекорд на друг“, рече Елен Бартоу-Гилис, научник во Националниот центар за информации за животната средина на НОАА.

Таа забележала дека графиконите на температурните записи кои датирале од 1850-тите покажале постојан пораст – забрзувајќи во текот на индустриската ера – но дека август 2023 година бил „суштински одделен“.

Покрај тоа што беше најтоплиот август во 174-годишните рекорди на NOAA, месецот имаше трета највисока температурна аномалија од било кој месец досега, што е трето највисоко од просекот. Топлиот месец го продолжи трендот што започна неколку недели порано, при што јуни и јули поставија месечни температурни рекорди.

Заедно, јуни до август – периодот дефиниран како метеолошко лето на северната хемисфера и метеоролошка зима на јужната хемисфера – беа најтоплите досега. Во тој период северната хемисфера била 2,59 степени над просекот. Покрај тоа, последните 10 периоди од јуни до август се 10-те најтопли такви периоди досега. Глобалната температура на површината од почетокот на годината – од јануари до август – е рангирана како втора најтопла досега.

Извештајот го потврди она што го доживеаја милиони луѓе во последниве месеци, вклучувајќи ги и рекордните топлотни бранови кои го допреа речиси секој агол на планетата. Азија, Африка, Северна и Јужна Америка го имаа најтоплиот август досега, како и Арктикот. Европа и Океанија – регион кој ја вклучува Австралија – го имаа вториот најтопол август досега, се вели во извештајот.

Не зоврело само копното: Изминатиот август постави рекорд за најголема месечна аномалија на температурата на површината на морето – 1,85 степени над просекот. Затоплувањето на океаните придонесе за намалување на морскиот мраз, а Антарктикот го доживеа четвртиот месец по ред со најниско ниво на морски мраз досега. На глобално ниво, обемот на морскиот мраз во август беше околу 550.000 квадратни километри помалку од претходниот рекорден минимум, поставен во август 2019 година.

Само во САД, истражувачите на НОАА за оваа година потврдиле 23 временски и климатски настани од кои секој чинел 1 милијарда долари или повеќе – најмногу катастрофи вредни милијарди долари досега.

Иако глобалното затоплување не е единствената причина за која било од овие катастрофи, затоплувањето на Земјата продолжува да ја зголемува веројатноста за екстремни временски настани и шумски пожари ширум светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот