Научниците откриваат — од кој родител најчесто ја наследуваме интелигенцијата?
Според научни истражувања, интелигенцијата во голема мера се наследува од мајката, но генетиката не е единствениот фактор што влијае врз интелектуалниот развој на детето, пишува „Индекс“.
Препорачано
Научниците нагласуваат дека значајна улога имаат и емоционалната поврзаност, љубовта и поддршката што мајката му ги дава на своето дете.
Гените поврзани со интелигенцијата се наоѓаат на Х-хромозомот
Жените имаат два Х-хромозома (ХХ), додека мажите имаат еден Х и еден Y-хромозом (ХY). Според истражување на Универзитетот во Пекинг, гените поврзани со интелигенцијата се наоѓаат токму на Х-хромозомот. Бидејќи жените имаат два такви хромозома, постои поголема веројатност децата да ги наследат овие генетски карактеристики од мајката.
Истото истражување сугерира дека гените на Y-хромозомот повеќе придонесуваат за физичките карактеристики на детето. Иако експериментите биле спроведени на глувци, научниците идентификувале и можна поврзаност кај луѓето. Тие пронашле клетки во шест региони на мозокот кои контролираат различни когнитивни функции, како што се помнењето, учењето и навиките во исхраната, а кои содржеле исклучиво мајчини или таткови гени.
Во експериментите, глувците со дополнителни мајчини гени развиле поголем мозок и глава, но помало тело. Наспроти тоа, глувците со дополнителни таткови гени имале поголемо тело, но помал мозок.
Љубовта и емоционалната поддршка се исто толку важни
Научниците од Универзитетот во Вашингтон истакнуваат дека гените се само дел од приказната. Во седумгодишно истражување тие го следеле односот меѓу мајките и нивните деца и утврдиле дека сигурната емоционална поврзаност има значително влијание врз развојот на мозокот.
Резултатите покажале дека децата кои добивале емоционална поддршка и чии интелектуални и емоционални потреби биле задоволени, на 13-годишна возраст имале за околу 10 проценти поголем хипокампус во споредба со децата чии мајки биле емоционално подистанцирани.
Хипокампусот е дел од мозокот кој има клучна улога во меморијата, учењето и справувањето со стресот, па научниците заклучуваат дека, покрај наследните фактори, грижата и љубовта што детето ги добива во најраните години се исклучително важни за неговиот когнитивен развој.


