Натпреварот за Скопје

Ваљон Салиху Фото: Град Скопје

Не е никаква тајна дека главниот град е „пехарот“ на секои локални избори. Скопје најчесто го одредува победникот, па затоа политичката битка тука секогаш била драматична. Што е ново и изненадување во натпреварот за Скопје?

За првпат имаме две големи коалиции, кои ја доведоа под прашање поделбата на „македонски“ и „албански“ политички тимови. Предизборната коалиција ВМРО-ДПМНЕ-АА-Алтернатива е голема новост, но прашање е колку може да биде ефикасна на терен, бидејќи мнозина со право ја сметаат за непринципиелна и неуиграна.

Големо изненадување е што ВМРО-ДПМНЕ нема свој кандидат за градоначалник на Скопје, па од опозиција поддржува „независна“ кандидатка, заедно со коалициските партнери. Трендот на глумење „независни“, „непартиски“, па дури и „неполитички“ кандидати е основна карактеристика на овие избори.

Третата особеност е играњето на „зелен“ терен од речиси сите кандидати, па дури и од тие што со децении владееја со Скопје и еколошки го урнисаа.

Уште едно изненадување на овие избори е зголемениот број кандидати – и за градоначалници, и за градски советници, и неверојатниот број советнички листи за скопските општини. Ако во 2017 година во натпреварот за Град Скопје играа осум кандидати за градоначалник, годинава играат дури 12! Ако во 2017-та во натпреварот за Советот на Град Скопје имаше поднесено девет листи за советници (со 405 кандидати), за сегашнава има поднесено дури 15 листи (со 675 кандидати)! Но дали поголемиот број играчи ќе го зголеми и квалитетот на изборниот натпревар и излезноста на изборите?

Има ли квалитетни „зелени“ играчи на зелениот скопски терен?

Поголемиот број играчи во натпреварот за Скопје веќе најавија дека ќе играат со „зелена“ политичка понуда. Дури и кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ почнаа да „дриблаат“ за зелени политики, иако оваа партија е најодговорна за еколошката катастрофа по проектот „Скопје 2014“.

Но види чудо: ВМРО-ДПМНЕ официјално нема свој партиски кандидат ниту во Центар – срцевината на Скопје, каде што голгетерот Груевски вложуваше стотици милиони евра во неговите антиеколошки зданија, кои драматично се распаѓаат по една деценија. Кандидатката за Центар, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, се обиде да ја издрибла јавноста со провидна финта за „Скопје 2014“. Не само што кажа дека проектот „не беше на претходната власт“, туку и бесрамно излажа дека „тој проект беше изгласан токму од претставниците на сегашната позиција“. Ама вистината пробива како шило и веднаш излегува на површина!

Зошто ВМРО-ДПМНЕ нема свои „голгетери“ за Скопје и за Центар, иако нивните мултимилионски антиеколошки инвестиции беа токму во Скопје – градбите на двете страни од Вардар и во коритото, партискиот музеј на ВМРО, плоштадот пред криминалната „Бела палата“, фасадите што ги однесе првиот поголем ветар, двокатните дизел автобуси – загадувачи, патот до криминалниот „Сончев град“ што го пресече „Водно“, „Панорамската кула“ на врвот на Водно…

Може ли сега да се очекуваат прецизни „зелени“ пасови од тандемот Арсовска – Славески од ВМРО-ДПМНЕ – макроекономисти и бранители на интересите на крупниот бизнис (познати противници на зголемувањето на минималната плата)? Може ли да се очекуваат прецизни „зелени“ шутеви од познатиот скопски пејач – кандидат на „зелената“ коалиција на ДОМ-ЛДП? Може ли да се очекуваат добри зелени центаршутови од познатиот скопски естраден лик со прекар „Камиказа“ – кандидатот на Левица? Дури и зелената напаѓачка игра на „Зелен хуман град“ е во офсајд, имајќи предвид дека нивната кандидатка цели 15 години била дел од тимот на власта. Поранешната потпретседателка на ДОМ (до пред некој месец) си дава автоголови кога сега нуди решенија на еколошките проблеми за кои и самата придонела со (не)дејствување.

Зошто ВМРО-ДПМНЕ-АА-Алтернатива се кријат зад „независна“ кандидатка?

Има најмалку две причини зошто најголемата опозициска партиска коалиција сега се крие зад „независен кандидат“. Првата причина е да се изманипулираат скопјани – исто како што Мицкоски ги изманипулира кога во 2017-та влезе во Советот на Град Скопје (како носител на листа), па наместо да заигра, си даде оставка. Во кампањата во 2017-та, Мицкоски играше во тандем со Коце Трајановски, глумеше дека е загрижен за проблемите на скопјани, нудеше решенија, но како советник веднаш ги заборави и изневери скопјани. Сега опозицијата си има создадено алиби и за претстојниот пораз во Скопје. Ако ВМРО-ДПМНЕ нема на терен партиски кандидат за градоначалник, теоретски не може ни да изгуби. Практично, сега за Мицкоски ќе шутира тандем од двајца макроекономисти што глумат дека се успешни менаџери-голгетери (исто како Мицкоски во 2017-та), иако досега немаат покажано никаков особен интерес за решавање на проблемите на скопскиот зелен терен.

Втората причина зошто најголемата опозициска партиска коалиција сега се крие зад „независен кандидат“ е обидот за манипулација со албанските гласови. Имам чувство дека кај Албанците во Скопје тешко поминува тимот помеѓу Мицкоски (сликан во толпата пред собранието на 27 април 2017) и албанската опозиција. На Албанците уште им се свежи шовинистичките протести на кои се скандираше против „двојазичност“, против „Тиранската платформа“, против „федерализација и кантонизација“ – протести од кои ВМРО-ДПМНЕ уште се нема оградено, ниту пак ги признава како свои. Затоа и првично најавената партиска кандидатка, необично се преобрази во „независна“ за да може побезболно да биде подржана од опозициските албански партии. Но ваквиот неискрен и нечесен пристап е потценувачки за скопјани, особено за Албанците. Кај Албанците такви финти едноставно не поминуваат. Особено кога „независната кандидатка“ излегува на партиски митинг во Бутел и им се заблагодарува само на ВМРО-ДПМНЕ, и кога шутира пенал како партиски играч во Кисела Вода давајќи националистички изјави дека „борбата за Македонија“ почнува од Скопје.

Неискрениот пристап не поминува

Неискрениот пристап во комуникацијата со скопјани едноставно не поминува. Исто како што неискрената игра на Мицкоски и Коце Трајаноски не помина кај скопјани во 2017-та, ни сега нема да помине неискреноста на „независната кандидатка“. Џабе целата глума дека е „непартиска“ и „аполитична“, кога и врапчињата на покривите знаат дека игра за предизборната партиска коалиција ВМРО-ДПМНЕ-АА-Алтернатива.

Уште помалку ќе помине неискрената игра на „независните“ и „непартиски“ естрадни ѕвезди поддржани од партии. Такви финти не поминуваат затоа што „вистината е како шило“ – како што пророчки си кажа бившиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој замина на „службен пат“ во Будимпешта токму кога почнаа да испливуваат на површина неговите криминални, урбанистички и еколошки злодела во Скопје.

Не треба да се потценуваат скопјани со неискрен и манипулативен пристап, со претпоставка дека имаат слаба меморија. Скопјани паметат кој го продлабочи проблемот со аерозагадувањето (дотаму што бевме прогласени за најзагаден град во Европа), а кој успешно го решава (дотаму што аерозагадувањето не е веќе меѓу првите пет проблеми кои ги спомнуваат скопјани во анкетите). Скопјани паметат кој ги зголеми оџаците, ауспусите и чадот (со поскапување на струјата и парното, со увоз на половни возила и двокатни дизелаши, со неказнување на палачи и загадувачи), а кој ги намалува (со субвенции за инвертери, со еко-автобуси и Брз јавен превоз како зелен проект, со одблокирани тротоари и мрежа од велопатеки, со казнување на палачите и загадувачите итн.). Скопјани паметат и кој го урбанизираше и уништуваше Водно, а кој ја спречи планираната јужна обиколница (која го преполовува Водно) и налудничавиот обид да му се даде Водно на приватен концесионер кој ќе гради ски-патеки а-ла Гармиш Партенкирхен. Скопјани паметат и кој го уништуваше зеленилото во Скопје, а кој го унапреди со претворање на депонии во паркови, со изградба на зелени скверови и зелени кровови, со садење на десетици нови дрвореди… Скопјани паметат и кој го делеше и уназадуваше Скопје, а кој го спојува и рамномерно развива. Сè додека скопјани добро паметат, обидите за манипулации на скопјани нема да поминат и „утакмицата“ за Скопје нема да биде „шитната“ и загубена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот