НАТО започна со привремено распоредување на резервни сили во Косово
Контингент од резервните сили на НАТО започна со привремено распоредување во Косово, соопшти денес КФОР.
Препорачано
Како што соопшти КФОР во објава на својата официјална Фејсбук страница, привременото распоредување се спроведува во согласност со постојните процедури, со цел спроведување на низа обуки со единиците на КФОР.
Првиот контингент на Шкотската гарда, лесен механизиран пешадиски полк од Обединетото Кралство, пристигна во Косово, каде што ќе биде привремено стациониран за обука.
КФОР наведува дека оваа активност се спроведува редовно и има за цел да ја подобри оперативната подготвеност и способноста на оваа мисија на НАТО ефикасно да реагира на релевантни безбедносни настани, пренесува Танјуг.
Се додава дека ова се спроведува во согласност со долгогодишниот мандат на КФОР, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година, да придонесе за безбедна средина за сите луѓе и заедници што живеат во Косово и за слобода на движење, во секое време и непристрасно, и во координација со таканаречената Косовска полиција и Мисијата на Европската Унија за владеење на правото во Косово (EULEX), во нивните соодветни улоги во безбедносните сили.


