Наставниците од „Лирија“ оставени на немилост: За да одиме на работа ни требаат 250 евра месечно!

22 септември 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Во „Лирија” учат околу 300 ученици, од кои само 70 ќе ја следат наставата со физичко присуство, оние од прво до трето одделение. Нашите извори од ова училиште тврдат дека и наставниците кои се во одделенска настава ќе мора да работат од самата училница но и тие немаат превоз. 

Наставниците од основното училиште Лирија во село Житоше во општина Долнени, ќе треба да плаќаат 15.000 денари месечно само за да се појават на работа во празните училници од каде ќе треба да им предаваат на учениците кои наставата ја следат од дома. Доколку општината и директорот на училиштето не се ангажираат да го вратат во функција комбето кое е укинато за превоз, поради тоа што во него се возеле средношколците кои сега ќе учат од дома, тогаш единствената опција што им преостанува е такси превозот кој ќе ги чини 250 евра месечно.

Во редакцијата на „Слободен печат“ се обратија повеќе наставници од подрачни основни училишта, кои не знаат како од својата скромна плата да стигнат на работа бидејќи живеат на далечина од 40 километри од работното место.

– Ние наставниците што работиме во рурални средини се соочуваме со голем проблем со патот. Немаме со што да патуваме до работа. Ние сме од Прилеп и работиме во училиште кое е оддалечено 40 километри, но немаме комбе за да патуваме. Комбето со кое патувавме претходно беше она кое пренесуваше ученици што патуваа од долненската општина во Прилеп, средношколци. Сега откако се воведе онлајн наставата, средношколците нема да патуваат, па нема комбе со кое ќе можеме да одиме на работа, вели една од наставничките во предметна настава за „Слободен печат“.

Во „Лирија“ учат околу 300 ученици, од кои само 70 ќе ја следат наставата со физичко присуство, оние од прво до трето одделение. Нашите извори од ова училиште тврдат дека и наставниците кои се во одделенска настава ќе мора да работат од училница, но и тие немаат превоз.

– Оставени сме да се снаоѓаме самите, но никој од нас кои работиме во Житоше немаме автомобил за да одиме на работа, само еден наставник има возачка, но нема автомобил. Ќе мораме да патуваме со такси кое ни бара 1.500 денари дневно. Бидејќи ние сме четворица наставници од Прилеп и не можеме да се качиме во едно такси поради мерките кои ги воведоа во оваа ситуација, ќе мораме да патуваме по двајца наставници со такси кое чини 1.500 денари, значи ќе треба еден наставник да одвои 750 денари дневно за да оди на работа.  Тоа би не чинело 15.000 денари месечно, што е премногу скапо за да ги одвоиме тие средства од нашата скромна плата. Ние и претходно со години сами си го плаќавме патот по 3.500 денари, додека во другите општини им е платено за пат. Во оваа ситуација се соочуваме со голем проблем но никој нема слух за нашиот проблем, додаваат наставниците.

Со овој проблем се соочуваат сите наставници во општина Долнени кои патуваат од Прилеп, Кичево и околните села кои се подалеку од работното место. Како решение за целата ситуација предложиле да добијат дозвола да работат од дома, но не наишле на разбирање.

– Ако работиме од дома нема да плаќаме огромна сума пари за да стигнеме на работното место, а притоа мора да носиме и свои лаптопи за работа, бидејќи училиштата не се во можност да обезбедат, велат наставниците.

Директорот на основното училиште Лирија Шабан Салиовски за „Слободен печат“ изјави дека проблем со превозот немаат само наставниците вработени во училиштето што го раководи, туку и самите ученици кои живеат на далечина поголема од 2 километри од објектот. Поради тоа што нема комбе, нивните родители се принудени секој ден да ги носат на настава, за што веќе изразиле и незадоволство и побарале решение.

– Во врска со наставниците, тие мора да бидат присутни во училиште на час, бидејќи единствениот случај во кој им е дозволено да предаваат од дома е ако во училиштето нема интернет. Со нашето училиште тоа не е случај, ние имаме интернет во училиште. Ова со комбето мора да се реши, за што денеска ќе одам да разговарам и со градоначалникот. Најверојатно ќе го решат проблемот од општината, ќе треба да се распише тендер за фирма за превоз на ученици. Истиот проблем го имаме и со учениците кои се оддалечени со живеалиште повеќе од два километри и сега родителите ги носат на настава. Вчера тие родители ми се пожалија и побараа да решам како ќе патуваат нивните деца. Затоа мора да проверам до каде е постапката со комбето, а ќе разговарам и за наставниците. Го знам случајот и ќе го решиме, мора да се најде солуција, ни рече Салиовски.

Министерството за образование и наука нема надлежност врз основните училишта кои се во ингеренции на општините. Во планот за настава кој МОН го изготви, овозможено е да се преговара со директорот и со градоначалникот за да се најде начин да се обезбеди како наставниците да стигнат до работа, како и опцијата наставниците да побараат од директорот да работат од дома.

Единствената причина поради која МОН наложува наставниците да одат на училиште е зашто можеби некое дете има обврска да се појави со физичко присуство, или пак нема уред за следење на наставата од дома и мора да биде во училница. Основачи на основните училишта како она во Долнени се општините, така што тие треба да ги решаваат проблемите кои искрснуваат со превозот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот