Наставниците се жалат на мобинг од учениците и нивните родители

Мобингот кон наставниците од страна на учениците и нивните родители го става во сенка одбележувањето на Денот на учителот. Професијата која некогаш беше многу цената и почитувана, денеска ја погазуваат надворешни фактори кои оставаат трага врз психофизичкото здравје на наставниците, вели Јаким Неделков, претседател на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК).

„Од наставникот се очекува да произведува здрава младина, да пренесе квалитетно образование а истовремено му се одзема слободата на оценување преку разни притисоци. И не само тоа, не е тајна ниту однесувањето на учениците кои за разлика од порано, сега со помалку почит се однесуваат кон своите наставници“, вели Неделков.

Тој не сакаше да ги коментира неодамнешните јавни обвинувања на поранешни ученици, кои тврдеа дека биле јавно омаловажувани од наставници, поради што значително им се намалила самодовербата, но им се нарушил и статусот меѓу врсниците, поради што дополнително биле и жртви на булинг.

– За такви примери јас не знам, сепак моја обвска како претседател на СОНК е да ги бранам интересите на наставниците, рече Неделков.

Тој објаснува дека овој петти октомври, наставниците позадоволни го одбележале Светскиот ден на учителот, благодарение на зголемувањето на платите кое го добија како резултат на повеќедневниот штрајк кој се спроведе минатата учебна година.

„Генерално тоа што се договоривме со Владата, се спроведува. Се подготвуваат плати за септември кои ќе бидат за 15 проценти зголемени, а очекуваме по Нова година да имаме нови зголемувања на платите. Во тек е усогласување на колективните договори за основно и средно образование. Работните групи на СОНК работеа во текот на септември и очекуваме до крајот на месецов да се потпишат колективните договори со што ќе се доуредуваат правата на вработените во основно и средно образование, како на пример прашањето за регрес за годишен одмор, платен превоз за наставници кои живеат далеку од работното место, додатоци на плата за комбинирани паралелки, платени денови за годишен одмор и слободни денови по закон“, вели Неделков.

Професорка од едно средно училиште вели дека последниве години „учениците имаат повеќе права од професорите“.

„Сѐ повеќе закани добиваме од ученици и нивните родители дека ќе бидеме сменети ако не сме во согласност со нивните очекувања. Без размислување се собираат петиции за смена на професор, се добива впечаток дека немаме никаков интегритет. Тоа го докажува еден од последните примери, кога беа повикани родители на деца кои вршеа булинг врз соученик, на што добивме реакција од родителите на насилниците дека професорите се виновни за девијантното однесување на нивните деца“, вели професорката, која сакаше да остане анонимна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот