Нашата струја е најевтина, ама за нас е скапа

сметки струја ЕВН сметка
Сметки за струја. / Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Ако се земе колку е цената на 1 киловат-час електрична енергија како процент од просечната месечна плата и ако тој процент се спореди со податоците од Евростат за земјите од ЕУ, Македонија е на четврто место.

Со една просечна плата, нашите граѓани може да платат околу 17 сметки за струја, a жителите на Велика Британија над 50. Според Евростат, едно семејство просечно троши околу 360 киловат-часови електрична енергија месечно. Математички, ако не се греат на струја, домаќинствата во Македонија во просек плаќаат околу 1.500 денари, или, со просечна плата од околу 26.000 денари може да се подмират 17 сметки.

Ако во Европа се прави споредба меѓу просечната плата и комуналните сметки, тогаш е нејасно зошто на АД МЕПСО му пречи што медиумите и граѓаните си пресметуваа колку ќе ги чинат новите сметки за струја.

– Од аспект на трошоците на АД МЕПСО,  „голото“ споредување на цената на мегават-час електрична енергија со просечна плата во нашата земја е некоректно. Никому не помага, туку создава конфузија кај граѓаните. Такви споредби се погрешни и водат кон погрешни заклучоци, кои немаат економска логика туку оставаат впечаток дека критиката е неконструктивна – порачаа од оваа енергетска компанија.

Според податоците на Евростат, македонските граѓани користат електрична енергија што е една од најевтините во регионот на Западен Балкан, но и во цела Европа. Низ бројки, тоа изгледа вака: во втората половина на 2019 година, цената на киловат-час електрична енергија кај нас била за речиси трипати пониска во однос на просечната цена во ЕУ. Лани, цената за киловат-час електрична енергија во Македонија изнесувала 7,83 евроценти, додека просечната цена во ЕУ била 21,14 евроценти. Во однос на регионот, највисока цена на електрична енергија се плаќа во Словенија – 16,34 центи за киловат-час, во Грција 15,5 евроценти, додека во Хрватска е 13,2 центи. Во Албанија цената за киловат-час изнесува 8,4 центи, а во Бугарија 9,99 евроценти.

Сепак, ако се направи споредба во однос на куповната моќ, цената на нашата струја е меѓу највисоките. Ако се земе колку е цената на 1 киловат-час електрична енергија како процент од просечната месечна плата и ако тој процент се спореди со податоците од Евростат за земјите од ЕУ, Македонија е на четврто место, по Романија, Летонија и Бугарија, а во сите други земји од ЕУ, зафаќањето на платата за сметките за струја е помало.

Не помалку важно, а поврзано со цената на струјата, е и неодамна објавеното истражување на Евростат, дека дури 25 отсто од македонските граѓани имале проблем со загревањето на сопствениот дом. Состојбата во Европа варира од земја до земја, но во 2018 година, 10 отсто од српските граѓани не можеле да си дозволат соодветно греење во домовите, a најмногу луѓе што не можеле да го греат домот како што треба имало во Бугарија – 34 отсто. Најмалку незадоволни со температурата во становите, околу 2 отсто, се забележани во Австрија, Финска, Луксембург, Холандија, Естонија и во Шведска.

Добро е да се знае како „европски“ се постапува и при исклучување за неплатена сметка. Снабдувачот мора да му даде шанса на потрошувачот преку дополнителен план да го исплати долгот. Доколку сепак не се постигне договор за плаќање на заостанатиот долг, снабдувачот треба преку суд да добие дозвола за исклучување и потоа да му остави уште седум дополнителни денови на корисникот, пред да ја исклучи струјата поради неплатени сметки. За секоја постапка потрошувачот мора писмено да биде известен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот