Намалените казни за откривање на „свиркачите“ ќе го зголемат молкот?

Со намалени казни се овозможува и понатаму да не функционира системот, бидејќи полесно ќе биде да се платат казните, отколку да се расчисти состојбата, односно да се сносат последиците ако станува збор за незаконити дејства.

Вака го коментираат експерти новиот Предлог-закон за изменување на Законот за заштита на укажувачи, кој е во собраниска процедура. Според предвидените измени, се намалуваат казните за оние што ќе го откријат укажувачот.  Ако се усвои Предлог-законот, казните за сторен прекршок на овластеното лице за прием на пријави од укажувачи ќе изнесуваат од 100 до 500 евра. Досегашните казни беа во висина од 3.000 до 6.000 евра.

Измените во Законот, исто така, предвидуваат намалување на казните и за правните лица: наместо од 2.000 до 4.000 евра, како досега, со измените глобата треба да биде од 250 до 500 евра. Најголема казнена мерка е предвидена за откривање на идентитетот на укажувачот од 5.000 до 10.000 евра, додека за прекршување на должноста за доставување полугодишни извештаи за примени пријави од укажувачи, се предлага казна од 1.000 до 4.000 евра.

За Џафери измените се добри

Власта и опозицијата и овој пат се на спротивни страни кога станува збор за казните предвидени со овој Предлог-закон. Според ВМРО-ДПМНЕ, со ниските казни се демотивираат граѓаните што решиле да бидат „свиркачи“.

„Законот кој е клучен во борбата против криминалот и корупцијата, ќе го нема саканиот ефект“, сметаат од најголемата опозициска партија.

Според СДСМ, со малите казни законот ќе заживее, бидејќи досега биле изнаоѓани начини како да биде заобиколен. Според нив, со овие измени на Предлог-законот се врши усогласување според генералниот закон за прекршоци.

Првиот човек на Собранието Талат Џафери е еден од потписниците на законот. Тој смета дека измените се добри, бидејќи во минатото, за да има мир во куќата, Законот бил повлечен.

Транспаренси интернешенл: Законот не се применува

Според извештаите на Транспаренси интернешенл, како држава, сепак, немаме создадено доволно услови за да заживее овој закон. Првиот човек на граѓанската организација Слаѓана Тасева вели дека немаше потреба од измени, бидејќи Законот за укажувачи, иако е донесен пред три години, не е применет.

– Ние не го применивме Законот за да видиме дали нешто треба да се менува во него. Прво требаше да се настојува сите институции да воспостават систем на пријавување од страна на укажувачи, а потоа да се види како тој систем функционира и дали има потреба од некаква интервенција во законот. Вака уште повеќе само се дерогира неговото значење и потребата од примена – вели Тасева за „Слободен печат“.

Според неа, постојниот закон предвидува систем за пријавување внатре во институцијата, но доколку луѓето се плашат, можат да пријават и во МВР, кај Народниот правобранител, во Јавното обвинителство и во Државната антикорупциска комисија.

– Тој систем функционира само во Државната комисија за спречување корупција. Имаме уште три институции кои треба да овозможат заштитено пријавување на укажувачи, но уште 1.000 институции во кои не е овозможено да се примаат пријави од укажувачи. Ние сме се заложиле и сме прифатиле да го донесеме овој закон, кој е според меѓународните конвенции. Не треба да се интервенира само во санкциите. Со намалени казни се овозможува и понатаму да не функционира системот, бидејќи полесно ќе биде да се платат казните отколку да се расчисти состојбата, или да се сносат последиците ако станува збор за незаконити дејства – вели Тасева.

Кодоши или херои?

И додека кај нас дома на укажувачите или на „свиркачите“ се гледа како на „кодоши“, во демократскиот свет овие лица се сметаат за лица со висок морален интегритет и затоа се заштитени преку разни закони.

За најпознат „свиркач“ во светски рамки сѐ уште важи информатичарот Едвард Сноуден, кој како вработен во американската Агенција за национална безбедност, (ЦИА) во јавноста објави илјадници тајни документи на разузнавачката агенција.

Во Македонија најпознати укажувачи се Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски. Тие го документираа масовното прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кое беше обелоденето преку т.н. „бомби“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот