Лауреати на Големата годишна награда се Искра Лековска и Владимир Лековски

Најуспешната архитектонска реализација за 2025 година е метафора за македонската колективна меморија

Непосредно пред новогодишните празници Асоцијацијата на архитекти на Македонија ја врачи Големата годишна награда за најуспешна архитектонска реализација за 2025 година, а покровител на наградата е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Лауреати на Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 година се авторите Искра Лековска и Владимир Лековски од архитектонското студио „Лелелеле“, за проектот Православен храм – црква „Св. Рамноапостоли цар Константин и царица Елена“ во Скопје.

На пригоден настан во Архитектонскиот факултет наградата им ја врачи претседателката Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка на наградата. Според неа, изборот на добитниците се темели на строга и аргументирана стручна опсервација на делата, во потрага по она што ги надминува професионалните стандарди и воспоставува нови критериуми во современата архитектонска практика.

Претседателката потсети дека архитектурата, како триаголник на наука, уметност и општествен ангажман, има суштинско влијание врз убавината и функционалноста на јавниот простор, односно врз квалитетот на урбаното живеење.

Во услови на забрзана урбанизација, финансиски интереси и економски притисоци, архитектот, според неа, има обврска да го штити јавниот интерес и да го брани јавниот простор, просторот како заедничко добро, градејќи рамнотежа меѓу потребите на сегашноста и одговорноста кон иднината.

За авторите на награденото архитектонско дело, црквата „Св. Константин и Св. Елена“ е метафора за македонската колективна меморија и идентитет и ја персонифицира хармонијата меѓу небото и земјата, духовното и световното, традицијата и современоста.

Комисијата за Големата годишна награда беше во состав: архитект Мето Хаџи Андов – претседател на комисијата и членовите архитект Јагода Мицајкова, проф. Анета Христова, архитект Бранислава Ѓорѓевиќ и архитект Даница Јурмовска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 315, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.1.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот