Најсовремена опрема за дијагностика при спиење на Клиниката за психијатрија (ВИДЕО)

Со софтверска анализа на добиените резултати, а во соработка со проф. Кнегиња Рихтер Соколовска од Клиниката во германскиот град Нирнберг се спроведуваат соодветни дијагностички и терапевтски процедури, соопшти Министерството за здравство.

Клиниката за психијатрија набави најсовремена опрема за дијагностика при спиење. Опремата се состои од полисомнограф и актиграф, со кои се следат повеќе физиолошки функции во текот на спиењето, како и во текот на дневно-ноќниот ритам. Со софтверска анализа на добиените резултати, а во соработка со проф. Кнегиња Рихтер Соколовска од Клиниката во германскиот град Нирнберг се спроведуваат соодветни дијагностички и терапевтски процедури, соопшти Министерството за здравство.

Воведувањето на оваа дијагностичка процедура, како што се посочува, е новина во психијатриските институции во земјата и во соработка со Фондот за здравствено осигурување достапна е за сите пациенти.

-Покрај оваа современа опрема, во изминатиот период на Клиниката за психијатрија се направени многу позитивни промени во однос на опремување и реновирање на капацитетите, но и нови вработувања и зголемувања на тимот. Во изминатите две години се реализирани и вработувања на сите нивоа, вработени се пет лекари, двајца психолози, три медицински сестри, како и три други вработувања. Клиниката досега располагаше со околу 80 вработени, а со голем обем и интензитет на работата, овие вработувања значително ќе придонесат за подобра и поефективна нега на пациентите. Во овој период Клиниката е целосно реновирана со нова опрема и мебел за пациентите и амбулантите. Комплетно се реновирани и опремени болничките соби за третман на хоспитализирани пациенти. Инсталирана е дигитализација на објектот, како и климатизација на сите простории. Целосно е реновиран и амбулантскиот дел и кровот на зградата. Со сето ова во голема мера е подобрена целосната состојба на Клиниката, изјави министерот Филипче.

Од Министерството истакнуваат дека воведени се и неколку нови методи за дијагностика и третман, нови дигитализирани табли за психолошки тестирања за когнитивни проценки и соодветни психотерапевтски процедури. Обновен е апаратот за транс-кранијална магнетна стимулација, набавен е тестот „ТОВА” за дијагностика на состојбата на вниманието и хиперактивност кај деца и возрасни, а воведени се и дијагностички процедури таргетирани за деменции.

Отворени се неколку нови кабинети – за снимање на состојбата при спиење, за ментално здравје на жени во перинатален период, кабинет за деменција. Наскоро ќе почне да работи и кабинетот за телемедицина (телепсихијатрија), како и за невробиофидбек и за психомоторна реедукација.

Сите спроведени активности се дел од планираните активности според Националната стратегија и акцискиот план за ментално здравје, која беше подготвена од Националната комисија за ментално здравје, номинирана од министерот за здравство, а која е усвоена од Владата за периодот 2018-2025. Со овие документи се даде структура на реформа на системот за ментално здравје во државава, според современите текови и препораки, како од Светската здравствена организација, така и од сите релевантни интернационални институции и експерти, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот