Најмногу пари од Буџетот во октомври добила МРТ – 2,4 милиони евра

Во октомври од државната каса најмногу пари се одлеале за ЈП МРТ – 2,4 милиони евра. Зад јавниот сервис, како најголеми примачи на пари се наоѓаат „Арбериа дизајн“ од Тетово на кој се платени 1,4 милиони евра, потоа „Серка“ од Турција – подружница Гевгелија на која ѝ се исплетени 1,3 милиони евра, „Макпетрол“ со наплатени речиси 1,3 милиони евра и на петтото место по наплата од државната каса се наоѓа „Систина нефроплис“ од Кавадарци со наплатени 1,16 милиони евра.

Овие податоци ги објави Министерството за финансии, кое од завчера го активираше порталот Отворени финансии (open.finance.gov) каде што секој може да види кој колку пари дал и земал од Буџетот.
Пари на ЈП МРТ му префрлило Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во чиј буџет за годинава има 19,5 милиони евра наменети за Програмата Х1 – радиодифузна дејност, субвенции за јавни претпријатија. При презентацијата на Буџетот за 2019 година министерот Дамјан Манчевски рече дека и оваа година, како и претходната, најголемиот дел од буџетот, односно 77 отсто се предвидени за финансирање на МРТВ, Македонска радиодифузија (МРД) и за Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

– Практиката од минатата година, за што е добиена потврда и од засегнатите страни, покажува дека на овој начин, преку обезбедување пари од Буџетот, МРТВ, АВМУ и МРД, добиваат редовни, предвидливи средства. Сега тие имаат можност, долгорочно да ја планираат својата работа и програма и имаат автономна и независна уредувачка политика – рече министерот Манчевски.

На „Арбериа дизајн“ од Тетово во октомври е платена фактура од 1,4 милиони евра од Министерството за образование и наука. Ова Министерство склучи договор со тетовската фирма за набавка на учебници за основно образование и за дополнителен дидактички и работен материјал за учебната 2018/2019 година во вредност од 2,4 милиони евра.

На турската компанија „Серка“, која има подружница во Гевгелија, пари ѝ се исплатени за градење брана во село Конско. Парите се префрлени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој. Токму од оваа агенција се префрлени и пари за „Макпетрол“, со што тој е четврт примач на пари од Буџетот во октомври.

На петто место според примените пари е „Систина нефроплис“ од Кавадарци – центар за дијализа.

Топ 5 даватели на пари во октомври

Порталот Отворени финансии ги посочи и петте најголеми давачи на пари од државната каса. На прво место во октомври е Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со префрлени 84,7 милиони евра во Министерството за финансии, кое пак се јавува како исплаќач на пензии. Потоа е Министерството за труд и социјална политика кое префрлило во Фондот на ПИОМ 49 милиони евра. Од Фондот за здравство се одлеале 22,3 милиони евра, од Министерството за образование 17 милиони евра, а од Министерството за здравство 12,8 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот