Спреј против болви кај кучиња / Фото: Profimedia

Најефикасни начини за отстранување на болвите од вашите домашни миленици

Присуството на болви кај кучињата може да се препознае преку неколку јасни симптоми. Најчести знаци се силно чешање и гризење на кожата, при што кучето често и интензивно ги чеша или гризе иритирани места. Освен тоа, може да се појават нервоза, красти, црвенило, како и опаѓање на влакната на местата каде што болвите каснале, најчесто како последица на алергиска реакција.

Понекогаш е полесно да се забележи изметот што го оставаат болвите на влакната на кучето (мали темни точки), отколку самите паразити, пишува „Љубимци“.

Дали болвите се опасни?

Болвите не се само непријатни, туку можат да бидат и преносители на различни заболувања. Самото нивно присуство предизвикува иритации и оштетување на кожата кај кучето.

Посебно опасни можат да бидат за кутрињата, бидејќи нивниот организам сè уште не е доволно силен да се избори со овие паразити. Кај нив, силна наезда од болви може да доведе и до анемија (малокрвност).

Како да се ослободите од болвите?

Првиот и најважен чекор е да се обратите кај ветеринар, кој ќе го потврди присуството на болви и ќе препорача соодветен третман, земајќи ја предвид здравствената состојба на вашето куче.

Најчесто се користат:

  • Ампули против болви – течност што се нанесува според упатството, најчесто на задниот дел од вратот. Секогаш користете ја целата содржина на ампулата одеднаш. Кучето не треба да се капе два дена пред и два дена по третманот.
  • Околувратници против болви – генерално се сметаат за помалку ефикасни, бидејќи имаат ограничен домет, а не се препорачуваат ниту од здравствен аспект за миленикот и луѓето.
  • Таблети против болви – постојат во различни форми, но нивната употреба мора да биде во консултација со ветеринар.

Дополнително, може да се користат и спрејови и специјални шампони против болви.

Дезинфекција на домот – задолжителен чекор

Болвите се исклучително подвижни и лесно се шират, особено на топли места, па можат да бидат присутни во текот на целата година. Ако вашето куче било во контакт со болви, голема е веројатноста да ги има и на облеката, постелнината, теписите и мебелот.

Затоа, паралелно со третманот на кучето, неопходно е да се спроведе и темелна дезинфекција на домот:

  • исперете ја облеката и постелнината на кои сте забележале болви,
  • темелно исчистете ги теписите и мебелотсо правосмукалка,
  • третирајте го домот со производи наменети за уништување болви.
  • На пазарот постојат различни спрејови и препарати специјално наменети за оваа цел.

Со навремена реакција, соодветен третман и добра хигиена на домот, проблемот со болвите може успешно да се реши и да се спречи нивно повторно појавување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот