Награда за долгометражниот игран филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов во Англија

Долгометражниот игран филм „Хомо“ (анг. „Only Human“) во режија на Игор Иванов ја доби својата седма награда, и тоа за Најдобар игран филм во официјалната програма на интернационалниот фестивал „Crossing the Screen“ во Англија, што се одржа од 28 јануари до 3 февруари во Истбрн, Источен Сасекс.

Светската премиера на „Хомо“ се случи на 51. Гоа ИФФ Индија, а досега е прикажан на дваесет филмски фестивали. Филмот е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови.

Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби што тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, монтажа Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Тригер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум филм, Словенија).

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.

Во филмот играат Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Славиша Кајевски, Мартин Манев.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 116, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот