Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“ завршува со финален настан во Скопје

Вистински животни приказни се отсликани преку современ танцов перформанс

Културниот центар „Интерарт“ на 28 октомври (сабота), со почеток во 19 часот, во мултимедијалниот центар „Мала станица“, во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, го завршува проектот „Простор за разговор“ или „Dancing (Talking) Table“ со кој, преку уметнички активизам во изминатава година ја подигнуваше свеста за родовата еднаквост и ненасилство врз жените.

Проектот се базира на вистински животни приказни, чии сценски рефлексии беа отсликани преку современ танцов перформанс. Директорот на „Интерарт културен центар“, Матеа Мијановиќ, кој го води проектот, смета дека е „важно да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за истата“.

– Проектот беше фокусиран на обраќање кон младата популација. Националната турнеја, која опфати десет градови низ републикава, се одвиваше низ комуникација со, во најголем дел средношколци, на кои им се презентираше танцовиот проект и филмот и потоа се разговараше на темата со цел да се поттикнат отворено да зборуваат за истата. Искуството покажа дека тоа е единствениот начин преку кој можат да се менуваат нештата, т.е. односот на општеството, и да се подигне свеста кај младите.

Целта беше да го свртиме вниманието на јавноста кон овој горлив проблем, да создаваме похумано и погрижливо општество, во кое секој ќе го најде своето место и ќе може да живее без стеги и страв. Преку уметнички активизам да придонесеме во ослободување и поголемо социјализирање на општеството.

Многу сум благодарна до сите учесници во проектот, до Швајцарската амбасада за поддршката, како и до сите наши партнери во Скопје и низ градовите во земјава, каде се одржуваа настаните – истакнува Рисима Рисимкин, која е една од водечките македонски кореографки, воедно уметнички директор на „Танц Фест Скопје“ и Скопје танцовиот театар, како и деканка на Филмската академија и Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“.

На завршниот настан ќе се прикаже филмот „Простор за разговор“, како и нов танцов перформанс „Dancing (Talking) Table“ (волумен 2) со млади уметници, современите танчери Сара Димоска, Клара Христовска, Јоана Благадуша, Моника Шолевска, Илина Костова, Теона Ѓуровска, Нина Петрушевска, Надја Лукановска, Ивона Маневска, Елена Стојкоска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Микаела Колцункова (Словачка), Сара Крковиќ (Црна Гора), Марија Андовска, кои се студенти на Катедрата за современ танц при УГД. Кореографијата и режијата е на Рисима Рисимкин, музиката на Тони Китановски, сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ, костимите на Благој Мицевски, а асистенти-репетитори се Анастасија Данчевска и Дејан Битровски.

По танцовиот перформанс ќе се обрати покровителот на настанот Н.Е. Вероника Хулман, амбасадорка на Швајцарија, а потоа ќе се одржи тркалезна маса и разговор на темата на која ќе зборуваат: Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Небахат Имери – основач на ЗПСП „Кортекс“, која работи на советување и психотерапија со млади и возрасни, вработена во ЈУМЦСР-Тетово, Јован Цветкоски, раководител на Младински центар Охрид, Ана Зафирова, новинарка и активистка, и Рисима Рисимкин, уметник и професор. Дускусијата е отворена за сите кои сакаат да учествуваат, а влезот за настанот е слободен.

Проектот имаше Националната турнеја низ десет градови: Куманово, Штип, Тетово, Гостивар, Неготино, Гевгелија, Битола, Велес, Охрид и Струга. Националната турнеја на проектот се реализираше во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од десетте града во Македонија, кои се занимаваат со култура и со темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот