На воздухот во Скопје му треба итно прочистување

магла во скопје

Секоја зима Скопје се соочува со истиот проблем, големото загадување на воздухот, кое сериозно влијае врз здравјето на граѓаните, но досега не се најде решение кое опасните честички во воздухот, во сезоната на магли и греење, би ги свела во нормалните граници. И додека скопјани очекуваат ветар, како единствен спас од загадувањето, градот редовно високо котира на листата списокот на најзагадени градови во светот, во друштво со градовите од Индија, Пакистан, Бангладеш и Кина.

Најгласни во борбата за поздрав живот во градот се граѓанските иницијативи и здруженија. Советниците од „Зелен хуман град“ уште во јануари поднесоа иницијатива и предлог мерки кои треба да го заштитат квалитетот на воздухот во Скопје, но тие беа прифатени дури неодамна, на последната седница на Советот на Град Скопје.

Сега остануваа овие предлози да се имплементираат од градоначалничката Данела Арсовска, која исто така има можност и да ги одбие или поништи.

Шест мерки предлагаат од „Зелен хуман град“ за итно спроведување. Советот на Град Скопје да ѝ препорача на Владата да го задолжи УХМР да почне со прогнозирање температурни инверзии во Скопската Котлина. Јавно да се објави регистар со правни лица, како и локацијата каде се наоѓаат во Скопје, кои според закон задолжително би морало да имаат Б-интегрирана дозвола за да работат, а при надзор е утврдено дека немаат. Забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри, што е соодветно за ограничувањето на брзината во населени места на 50 км на час. Забрана за пластичен прибор и пластична амбалажа за еднократна употреба, како и продукти пакувани во пластична амбалажа во јавните набавки на Град Скопје. Вработување најмалку 5 нови инспектори за животна средина и овозможување за користење три возила на Инспекторатот со цел брзо постапување по пријави од граѓани.

Секторот Инспекторат не располага со доволно броен кадар за вршење на потребните инспекции на терен по пријава од граѓани и самоиницијативно. Моменталниот број на 8 инспектори, од кои барем два се раководители и работат од канцеларија, едвај работат во 2 смени, кога е потребно целосен кадар за да се покриваат сите 3 смени ефективно. Дополнително, Инспекторатот не располага со возен парк, а тоа сериозно ја намалува можноста тој веднаш да пристигне на место на пријава и да ги фати сторителите на делото. Со имплементацијата на платформата breathe.mk која Град Скопје ја прифати во октомври 2023 г., ќе се зголеми бројот на пријави кон овој сектор, и потребно е Градот да може веднаш да делува по нив, брзо и ефикасно – образложуваат од „Зелен хуман град“.

Како шеста итна мерка тие предлагаат замена на начинот на греење на сите објекти што се во сопственост или надлежност на Град Скопје и користат нафта, дрва или други загадувачки горива за загревање и итно префрлање на системот за загревање на струја во комбинација со поставување на фотоволтаици на покривите или приклучување на градско парно.

Меѓу среднорочните мерки што треба да се спроведат во следниве до крајот на мандатот на актуелното градско раководство и Советот во 2025 година, од граѓанската иницијатива предлагаат да се формира густа локална мрежа од мерни станици, особено околу индустриски капацитети и погони со А и Б-интегрирани дозволи. Од ЗХГ сметаат дела во сите скопски општини треба да има по една биокомпостара – по една за секоја општина, со што не само што ќе се елиминира огромното количество отпад, туку од него ќе се добие и енергија и органско ѓубриво. Се предлага и поставување фотоволтаични системи на сите објекти под надлежност на Град Скопје, но и давање субвенции за фотоволтаици за индивидуалните домаќинства. Предложени се и мерки за сообраќај според превртена сообраќајна пирамида каде што се дава приоритет на најранливите учесници во сообраќајот, потоа субвенции за енергетски ефикасни фасади на згради, систем за самоизнајмување велосипеди, како и високоразвиен јавен превоз, кои треба да функционира, односно да се движи издвоен од останатиот сообраќај.

Од Иницијативата сметаат дека среднорочна мерка треба да е изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија налик на таа од автомобилската мрежа: примарна вело-мрежа со патеки/ленти со повисока минимална ширина (2,5 метри наместо 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, улици со споделен простор, a со приоритет на велосипедски сообраќај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот