На судењето за Вања и Панче, за невини се изјаснија и тие што ја доведоа истрагата до телата на жртвите

Судење за убиството на Вања и Панче / Фото: Слободен Печат - Слободан Ѓуриќ

Планот за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, требало да биде реализиран три дена порано од денот кога се случи нејзиното убиство, ама не успеал, зашто обвинетите не стигнале на време да ја грабнат од зградата во која живеела поради метеж во сообраќајот.

Ова произлегува од обвинението со кое обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска во судница ги соочи Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски, на кои им се суди за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

Грабнувањето на Вања, според Обвинителството било извршено со намера некој друг, член на нејзиното потесно семејство да го присилат да даде пари на обвинетите за нејзиниот откуп. Иако дел од обвинетите признаа дека го сториле кривичното дело, па дури и помогнаа обвинителите да дојдат до телата на жртвите, денеска сите во судница се изјаснија за невини.

Судење за убиството на Вања и Панче / Фото: Слободен Печат, Слободан Ѓуриќ

 Обвинетите Љупчо, Боре, Влатко, Велибор – добро се познавале меѓу себе од претходно. Затоа и се договориле заедно да сковаат и да реализираат детален и разработен план.

Првично обвинетите Палевски, Манев, Видевски и Кешишев биле известени дека Вања редовно секој петок, оди сама на училиште. Дека според редовниот распоред, нејзината сестра Миња, секој петок почнува со настава од втор час. Затоа во петокот планирале да го реализираат грабнувањето на Вања. Тргнале на локацијата, но не успеале да стигнат навреме. Задоцниле поради гужвата во сообраќајот и не го реализирале планираното.

Во неделата, на 26.11.2023 година обвинетите знаеле дека утредента, понеделник 27.11.2023 година Вања по исклучок ќе оди сама на училиште. Нема да оди заедно со својата сестра Миња, која во неделата навечер, добила порака дека утредента треба да оди од вториот час на училиште. За тоа бил известен само обвинетиот Александар Ѓорчевски, рече обвинителката Крстевска-Јосифовска.

Љупчо Палевски / Фото: Слободен Печат – Слободан Ѓуриќ

Таа продолжи со изнесувањето на деталите од обвинителниот акт посочувајќи дека после еднаш пропаднатиот план, во понеделникот, обвинетите пристигнале навреме, знаеле каде да се движат и да застанат со возилото за да не ги фатат камерите од видео-надзорот.

Насилно ја отвориле влезната врата од зградата за да ја грабнат Вања. Откако претходно го обезбедиле „Цитроенот“ обвинетите по дадените инструкции од Љупчо Палевски, дошле пред влезот на зградата, каде живее Вања.

Влатко Кешишев чекал во возилото и внимавал да не наиде некој. Велибор Манев со шрафцигер ја отворил влезната врата од зградата  па заедно со Боре Видевски кој носел вреќа за спиење, влегле во зградата.

Ја чекале Вања. Кога Вања излегла од лифтот Боре ја фатил за половината, а Велибор Манев ја држел за нозете. Велибор ѝ ставил селотејп околу устата. Вања ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент, ја свртеле на стомак.

Боре ѝ ги држел рацете, обвинетиот Велибор ѝ ставил пластични стеги на рацете и на нозете по што ја затвориле вреќата. Велибор ѝ ги врзал нозете па со селотејп поминал околу вреќата. И се заканиле да не вика за да не употребат сила.

Во врзана состојба, Велибор ја ставил Вања на рамо заедно со Боре. Ја изнесол надвор од зградата каде Кешишев ги чекал во „Цитроенот“. Го отворил тој гепекот. Велибор ја ставил во гепекот. На „Партизански одреди“ Боре го скршил мобилниот телефон на Вања за да нема сигнал.

По претходно дадените инструкции од Љупчо Палевски, продолжиле да се движат по Качанички пат и кај надвозникот кај село Визбегово, се сретнале со Палевски, кој ги чекал со возило Рено Кангу. Во близина на местото викано „дупки“ во атарот на село Бразда, возилата застанале, рече обвинителката.

Љупчо Палевски / Фото: Слободен Печат – Слободан Ѓуриќ

Таа додаде дека околу 9 часот и 30 минути, Љупчо, Велибор, Боре и Влатко на свиреп начин, со умисла, го лишиле од живот оштетеното дете Вања Ѓорчевска, изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет: во врзана состојба, онеспособена ѝ било предочено дека ќе биде убиена.

По налог на Љупчо Палевски, Велибор Манев го извадил детето од гепекот, ја ставиле во претходно ископана дупка со димензии 180 на 80 со длабочина од 60 сантиметри, па со пиштол од 9 милиметри обвинетиот Љупчо Палевски преку перниче испукал еден куршум во главата на Вања,  кој ѝ нанел огнострелна повреда на мозокот, рече обвинителката.

Судење за убиството на Вања и Панче / Фото: Слободен Печат, Слободан Ѓуриќ

Сите обвинети во судница се изјаснија дека се невини. Додека ја слушаше обвинителката, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој е обвинет за помагање, се тресеше и плачеше. Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, вели дека Александар е жртва. Самиот Александар, во судница рече дека од денот на убиството на неговата ќерка Вања, тој е ехо од човек и дека сака да се утврди вистината со имиња и со презимиња. Првообвинетиот Палевски рече дека не се познавал воопшто со Александар.

Само паушално наведува дека помагал. Немаме дејствија на извршување, немаме докази и потполно беше апсурдно барањето на јавното обвинителство да се исклучи јавноста, а самото обвинителство во воведниот говор кажува дека јавноста на крајот од постапката треба да ги добие долгоочекуваните одговори.

Зошто би била исклучена јавноста и како, ако би била исклучена, би ги добила долгоочекуваните одговори?

Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка. Тврдам дека на секој родител кому би му се случила ваква работа би го презел апсолутно истото што го презел и тој – односно би водел и своја самостојна истрага. Обвинението се темели на доказите што ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници кои и јас како бранител барам да бидат испитани. И да видиме како и на кој начин ја воделе постапката.

А тврдам и тоа не паушално, туку врз основа на постулатите на криминалистичкото профилирање дека ова не е водено онака како што треба. Затоа го имаме денеска тој резултат што го имаме по однос на Александар, рече Туфегџиќ.

Александар Ѓорчевски / Фото: Слободен Печат – Слободан Ѓуриќ

Тој додаде дека е доведен во позиција да брани потполно невин човек за кого нема апсолутно ниту еден доказ. Додаде дека мотивот на Александар не би можел да биде материјална корист бидејќи двете сестри Вања и Миња, веќе биле сопственици на станот кој се инсинуира за мотив и тоа со договор за дар од таткото Александар. Туфегџиќ повтори дека врз Александар била вршена тортура за да се изнуди признание.

Александар е класично злоупотребен. Неговите дејствија што ги презел, самостојната истрага што ја водел, се злоупотребени и погрешно протолкувани.

Александар бил во дневна комуникација со децата на дневна основа и бил во неверојатна близина со своите деца, рече Туфегџиќ.

Боре Новески  / Фото: Слободен Печат – Слободан Ѓуриќ

За првообвинетиот Љупчо Палевски, обвинението е „извршување политичка наредба“. Зборувајќи за Александар Ѓорчевски таткото на Вања, Палевски рече:

Овој родител, наместо да плаче по своето дете, од полицијата е наместен за да се изготви лажен мотив и врска меѓу мене и него. Јас не го познавам Александар. Сето ова е според лажен исказ на еден од обвинетите кој сака да избегне доживотен затвор.

Се пожали дека не можел да најде адвокат, дека против него се води монтиран процес.

–Мотивот е вештачки. Затоа е вмешан и таткото Александар. Таткото за прв пат станал дел од истрагата по исказ на еден од обвинетите. Никој не праша каде сте требале да го чувате детето додека чекате откуп. Нема повик од никој кон мајката да бара откуп. Дупката е претходно копана за да биде убиена, не за да се бара откуп.

Самото ЈО пишува дека дупката е претходно ископана. Деведесет проценти од моите приложени докази се доказите од форензиката на МВР. Обвинителот не говори вистина. Ерол Османи е еден сведок, кого го кријат во списите. На 22 ноември (кога е убиен Панче Жежовски, н.з.) му поправав котел, рече Палевски додавајќи дека „обвинителството не го обезбедило движењето на Палевски според базните станици кое може да се утврди преку неговиот мобилен телефон“.

Судење за убиството на Вања и Панче / Фото: Слободен Печат – Слободан Ѓуриќ

Според обвинението, убиството на велешанецот Панче се случило откако тој прво бил грабнат од дома и однесен кај месноста Рудник каде бил убиен на свиреп начин. И за Панче претходно била ископана дупка.

Во обвинението е наведено дека кај обвинетите немало чувство на каење и дека биле уверени дека нема да бидат откриени, а кога првообвинетиот Палевски претпоставил дека ќе биде откриен заминал од државата во Србија, па во Турција. Палевски пак во судница тврдеше дека и самиот тогашен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кажал дека Палевски не би можел да добие дојава од МВР за да бега – бидејќи на денот кога излегол од државата не бил осомничен. За Палевски неговиот пат за Турција бил планиран и не бил бегство – требало да направи магнетна резонанца на грбот во Турција поради 70-процентна нефункционалност.

Александар Ѓорчевски со адвокатот Тукфеџиќ / Фото: Слободен Печат – Слободан Ѓуриќ

Да сакав да бегам ќе организирав вистинско бегство, а не да одам на однапред закажани прегледи, рече Палевски.

Обвинителството побара да се изземе јавноста од следење на расправата, затоа што такво барање добиле од мајката на Вања, Зорица. Таа доставила психијатриски вештачења за пост-трауматско стресно растројство, кое било засилено од медиумското известување за случајот. Судот не го прифати ова и јавноста останува вклучена во следењето на судењето. За следното рочиште на 7 октомври, токму Зорица Ѓорчевска е повикана за сведок од судот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот