На секој нов се увезуваат девет стари автобуси

фото: Мета.мк

И по неколкуте сообраќајни несреќи во земјава во кои учествуваа автобуси, македонските превозници продолжуваат да увезуваат половни автобуси и минибуси од странство.

Според податоците на Царинската управа на РСМ, во првите шест месеци од годинава се увезени 133 автобуси и минибуси, од кои дури 120 веќе биле употребувани во странство, објави Мета.

Сепак, информациите за 2019 година говорат дека се зголемила бројката на увезени нови превозни средства, па така соодносот на половни наспроти нови автобуси и минибуси сега е 9:1.

Ваквите бројки се поразлични од минатата година, кога соодносот бил 30 наспроти 1 во корист на увезените употребувани автобуси и минибуси од странство. Лани во нашата земја влегле дури 208 половни возила, кои се вклучиле во автобускиот превоз.

И Државниот завод за статистика пресметал дека 2018 година била најлоша во последните 9 години. Над 81,3% од целокупниот возен парк бил постар од 10 години, при што просечната старост на автобусите лани изнесувала 18,7 години.

Податоците од македонската царина покажуваат дека со години наназад во земјава се увезувале автобуси и минибуси, кои веќе биле користени за превоз на патници во други земји.

Соодносот во корист на увезениот половен возен парк изнесувал 20:1 во 2017 година, 35:1 во 2016 година, 16:1 во 2015 година и 27:1 во 2014 година.

Дури и во периодот кога Градот Скопје и владата набавуваа автобуси за јавниот превоз во Скопје, Царинската управа пресметала дека во речиси сите тие години се увезени повеќе половни наспроти нови автобуси од странство.

И додека увозот на стари автобуси и минибуси непрекинато трае, македонските граѓани продолжуваат да се преплашуваат од секоја нова сообраќајна несреќа во која учествуваат автобуси. Минатата недела, во сообраќајка на патот Велес – Штип беа повредени 18 лица во автобус што превезувал туристи на одмор во Бугарија.

Тешка траума во историјата на транспортот остави годинешната автобуска несреќа кај Ласкарци, кога автобус на „Дурмо турс“ излета од автопатот Скопје – Тетово, при што животот го загубија 16 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот