На ред е Македонија да се бори за Гоце Делчев

Премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски не дојдоа лично на гробот на великанот во Скопје. Заев последен пат тоа го стори на Илинден во 2019 година, а Пендаровски минатата есен.

Македонија денеска ја одбележа 118. годишнина од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а највисокиот државен врв, премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски, не дојдоа лично на гробот на великанот во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Владината делегација ја сочинуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за финансии Фатмир Бесими, а делегацијата од Кабинетот на Пендаровски ја предводеше генералниот секретар Миле Бошњаковски. Цвеќе на гробот положија и потпретседателот на Собранието Горан Мисовски и пратеничките Даниела Маркоска и Велика Стојкова Серафимовска, како и здруженија и граѓани.

– Сеќавањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев, како знаменосец на македонската револуционерна борба е и чествување на вредностите што тој ги застапуваше во борбата за слобода и за македонската државност – напиша владината служба во пригодното соопштение.

Премиерот Заев присуствуваше на 115. годишнина од смртта на Делчев во 2018 година, а двапати се поклони заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов при заедничките одбележувања на Илинден, во 2017 и во 2019 година. Претседателот Пендаровски еднаш оддаде почит пред гробот на револуционерот лани во септември, заедно со словенечкиот претседател Борут Пахор.

Делегацијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја предводеше генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски кој истакна дека Делчев е македонски, а не бугарски револуционер.

– Ние знаеме дека Гоце Делчев беше човекот со луѓето од револуционерната организација што во секој македонски дом направи револуционерно огниште. Од она што го знаеме и анализираме, гледаме дека тој се борел за самостојна, независна Македонија. Немам прочитано дека нешто направил за бугарската држава – рече Сајкоски.

Во изминативе години Бугарија се обидува да наметне свое видување на историската улога на Делчев, за што се водат безуспешни расправи во Комисијата за историски и образовни прашања.
Делчев е еден од најзначајните личности од македонската историја, кој се борел за ослободување на Македонија од турската власт и загинал на 4 мај 1903 година во Баница. Неговите посмртни останки се чувале во Баница до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. На 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

По повод годишнината Македонската филхармонија задутре ќе одржи концерт под диригентската палка на Христо Христов од Бугарија. На репертоарот се дела од Григ, Хендл, Маскањи, Моцарт, Сибелиус, Вагнер, Офенбах и Бизе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот