На малиот Илче кој почина во Демир Капија му давале Дијазепам на своја рака, матичната лекарка ослободена од обвинението

Фото: Слободен печат

Ослободена од обвинение е матичната лекарка која беше обвинета за тешки дела против здравјето на луѓето во врска со смртта на малиот Илче, дете со церебрална парализа, кое почина во мал групен дом во Демир Капија. Според обвинителството, таа како лекар специјалист по општа медицина, додека го лекувала Илче не му извршила физикален преглед, телефонски го лекувала и не му дала инфузија, па затоа дошло до влошување на здравствената состојба на детето, дехидрираност на неговиот организам и тоа починало.

Случајот го откри „Слободен печат“ во 2020 година кога фотографијата од детето беше објавена во „Купи продај огласник“ на интернет, каде блиски негови роднини бараа да биде згрижен и да му се помогне, зашто двајцата родители го напуштиле. Пред да дојде во малиот групен дом во Деми Капија, тој беше хоспитализиран итно на Детската Клиника поради медиумскиот притисок, каде медицинскиот персонал го спаси откако претходно детето беше оставено во рацете на познаник на родителите, кој не знаел како да постапува со така тешка дијагноза, ниту каква терапија да му дава.

Обвинителството поднесе обвинителен предлог, зашто детето починало од дехидратација која настанала како негрижа на лекарката, што на суд не се потврди. Таа е ослободена од обвинение, а пресудата до која дојде „Слободен печат“ покажува дека на Илче му бил даван Дијазепам од страна на некоја од негувателките во малиот групен дом на своја рака. Како што објавивме тогаш, Илче пред да биде спасен на Детската клиника, спиеше на чергиче и не беше искапен една година.

Малиот Илче веќе неколку дена јаде од лажичка, а не преку сонда на Детска Клиника

На Детската Клиника состојбата му се подобри и во подобрена состојба беше пратен во малиот групен дом, меѓутоа таму ненадејно почина. Судот не ги потврди наводите на Обвинителството дека смртта настанала поради негрижа од матичната лекарка. Според пресудата, лекарката не била таа што му ординирала Дијазепам на детето, туку тој му бил даден во станбената единица на своја рака од некоја од негувателките и е лек со  кој е можно да е маскирана вистинската здравствена состојба и добиена е погрешна слика за неа.

Од обдукцијата произлегло дека причина за смртта е акутен гастроентеритис. Во мислењето на судско медицинскиот одбор стоело дека поставената дијагноза е точна, терапијата која е дадена е соодветна за состојбата на детето, нема употреба на несоодветен начин на лекување, несоодветно средство за лекување, или непридржување на хигиенски мерки.

Смртта била природна и настанала поради воспаление на желудникот и тенките црева, детето било потхрането, дехидрирано и со воспаление на белите дробови.

Кој му даде Дијазепам на Илче?

Во крвта и урината било констатирано присуство на Дијазепам, терапија што воопшто не му била препишана, а тоа што негувателките изјавиле дека не му дале Дијазепам, фактот што тој лек бил препишан на други деца во малиот групен дом упатува на неодговорно однесување. Дијазепамот не бил во големи количини но  може да предизвика депресија на дишењето заради што во конкретниот случај не смеело да се даде, пишува во пресудата. Детето починало како резултат на воспалени на желудникот и цревата кое како заболување е пропратено со мачнини, нагони за повраќање, повраќање, температура и течни столици. За неговата смрт
никој не е одговорен, a матичната лекарка е ослободена од обвинението.

Малиот Илче веќе неколку дена јаде од лажичка, а не преку сонда на Детска Клиника

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот