На ЈСП му фалат 40-50 автобуси за да може да го почитува летниот возен ред, призна директорот Кушовски

Фото: ЈСП Скопје

Две години граѓаните реагираат на лошиот јавен превоз во Скопје, се жалат на непочитувањето на возниот ред и на долгото чекање автобус, поради што зимоска измрзнаа по станиците, а летово на жештините колабираат по возилата и на постојките, за конечно на денешната седница на Советот на Град Скопје, јавноста да ја слушне реалната состојба со превозот во главниот град.

И додека досега од ЈСП постојано тврдеа дека превозот функционира нормално, новиот директор на ЈСП, Драги Кушовски денеска се одважи од говорницата да го каже она што сите скопјани што секојдневно се возат со автобус веќе добро го знаат – дека нема доволно автобуси за да се почитува возниот ред.

Реалната состојба е таква каква што е, нема што да криеме. Возниот парк, по набавката на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летен и зимски, биле прилагодени на таа бројка автобуси. Во моментов во сообраќај се од 190 до 200 возила и со нив не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Од септември кога треба да стартува зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси – рече Кушовски.

Тој објасни дека и сервисите на автобусите се одвиваат во отежнати услови поради недостиг на делови. За едниот тип автобуси деловите доаѓаат од Кина, но претпријатието има долгови спрема добавувачите кои носеле делови за сервисирање во изминатиот период, кои сега ја откажуваат соработката, затоа што ЈСП не е во можност да ги сервисира тие долгови. Притоа, според Кушовски, зголемени се и расходите на претпријатието затоа што поскапуваат деловите.

Од жештината 10 до 15 колапси дневно, луѓе се онесвестуваат на автобуски станици, на работа, во автобуси

Во моментов просечната старост на возилата е 12,5 години, понови се само 33-те автобуси „ман“, додека “јутонг“ автобусите досега имаат поминато километража од над милион километри по возило.

Во однос на реакцијата на граѓаните дека автобусите се неклиматизирани, Кушовски објасни дека денеска не работеле климите во 27 автобуси, но дека бил информиран дека до утре уште во пет автобуси ќе биде сервисирана климата, додека во дел од нив проблемот не може да биде надминат затоа што недостигаат делови.

На прашањето зошто претпријатието е во ваква состојба кога добива големи субвенции, Кушовски одговори дека се зголемени трошоците за превоз, а цената и натаму е иста.

Знаеме кога е утврдена цената за превоз и колкави биле тогаш трошоците, а колкави се сега. Имаме бесплатен превоз на студенти, а последниве три години нема денар добиено пари од Министерството за образование и наука. Притоа, претпријатието само не успеало да ја зголеми наплатата кај билетите – нагласи директорот на ЈСП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот