Јонче Христовски / Фото: Принтскрин / Јутјуб

На денешен ден нè напушти Јонче Христовски, доајенот на македонската народна музика

На денешен ден, пред 26 години, нè напушти легендарниот Јонче Христовски, автор и изведувач на некои од најпознатите македонски народни песни.

Христовски го облагороди македонскиот мелос со незаборавни песни, исполнети со љубов кон Македонија, животот и песната.

Со својата изведба на „Македонско девојче“ во 1964 година, песната стана симбол на љубовта кон македонската жена и беше препеана на бројни јазици – од англиски и германски до италијански и руски.

Тој создаде сопствен интерпретативен стил, препознатлив и комуникативен со публиката – со фрлање на палтото, бакнување на земјата и со боемски, мераклиски настапи што го правеа омилен кај публиката.

Неговите песни „Ај засвирете ми чалгии“, „Запеј песна Македонко“, „Ако умрам ил загинам“, како и патриотските „Едно име имаме“, „Ој, Вардаре македонски“ и „И ние сме деца на Македонија“ сè уште се пеат и чувствуваат со истата емоција.

Многумина го паметат и како еден од најактивните членови на ансамблот „Танец” (пејач и играорец). Најомилено оро му беше „Калајџиското“.

Како одговорен за народната музика во националната телевизија – ТВ Скопје, ја иницираше и ја реализира серијата „Распеани градови” (1974), која се памети како еден од најзначајните проекти на ТВС.

Христовски бил женет и татко на две ќерки. Неговата сопруга трагично го загубила животот во катастрофалниот Скопски земјотрес 1963 година и токму на неа и за љубовта кон неа, Христовски ја посветил и напишал една од своите најпознати песни – „Животе мој“.

Во 2002 година во Скопје е основан ансамбл за народни песни и игри кој го носи неговото име, a македонско културно уметничко друштво со неговото име постои и во Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот