На Даравелски повторно ќе му се суди

Драган Даравелски (скриншот)

Апелацискиот суд во Скопје дозволи повторно да му се суди на поранешниот директор на Царината Драган Даравелски, кој, во моментов се наоѓа во затвор откако на 10. јануари беше уапсен на граничниот премин „Табановце“ во обид да влезе во Македонија.

Ваквата одлука на второстепениот суд доаѓа откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје се жалеше на одлуката на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, кој по добиено барање од адвокатот на Даравлески за повторување на кривичната постапка, на трети февруари донесе решение со кое утврди дека барањето е основано и се дозволува повторување на кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски.

– Во конкретниот случај, советот го ценел чл.3 ст.2 од Втор додатен протокол на Европската конвенција за екстрадиција како и одредбата од чл.424 ст.1 од ЗКП, според која кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство, а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство ќе се повтори ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство. Против ова решение добиена е жалба од ОЈО Скопје, која жалба согласно законските одредби го одложува неговото извршување и предметот е доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје, од каде денеска е добиена одлука на Вторстепениот суд со која решението на Кривичниот совет се потврдува во целост. Решението во текот на денешниот ден ќе биде доставено до странките и КПУ Идризово – информираа од Основниот кривичен суд Скопје.

Оттаму додаваат дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување.

Поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски беше осуден во отсуство на седум години казна затвор во 2007 година за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и се бараше со меѓународна потерница додека престојуваше во Србија. Тој, според пресудата, го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот