МЗТ Скопје триумфираше во македонскиот дуел во АБА 2 лигата

фото: ABA League j.t.d./Dragana Stjepanovic

Денеска на турнирот во Суботица, Србија, во АБА 2 лигата во македонската пресметка славеа кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром против Пелистер со 91:78.

На последниот ден од турнирот во „репризата“ на ланското финале на домашниот плеј-оф, Пелистер го предизвика МЗТ во кој уште еднаш, актуелниот македонски шампион покажа дека е подобар од битолските „зелено-бели“.

Пелистер ја освои првата четвртина со 25:22, а играчите на Васко Атанасов возвратија во втората која ја добија со 23:15 и на одморот заминаа со позитива од „плус пет“ (45:40).

Второто полувреме покажа колку е важна „должината на клупата“ која ја имаат двете екипи. МЗТ Скопје Аеродром (недостасуваше повредениот Баковиќ) е во голема предност во тој поглед. Уште поголема „разлика“ прави присуството на браќата Војдан и Дамјан Стојановски.

Згора на тоа, Александар Костоски немаше „своја вечер“, што беше дополнителен проблем за екипата од Битола. Со само тројца расположени играчи, освен одличниот Лука Стојановски и Малколм Бернард, во второто полувреме тоа го покажа и Андреј Маслинко (заедно 62 поени од вкупно 78), Пелистер не можеше да му парира на тимот од Аеродром.

Најзаслужни за првата победа на МЗТ во новата сезона од регионалното натпреварување беа В. Стојановски со 20 поени, а по 16 имаа Д. Стојановски и Д. Танасковиќ. На спротивната страна за Пелистер најрасположени беа Л. Стојановски со 22 поени, а по 20 запишаа М. Бернард и А. Маслинко.

Следниот турнир во АБА 2 лигата е на Златибор, каде од 13 до 19 ноември ќе се одиграат уште три кола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот