МЗ тврди дека уништениот инсулин бил со сомнителен квалитет

Министерството за здравство потврди дека е уништен инсулин, откако ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција објави дека е уништен ваков препарат со валиден рок во вредност од 1,5 милиони евра. Од Министерството за здравство објаснуваат дека станува збор за сомнителен инсулин од паралелен увоз набавен во времето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и неговата вредност е 330 илјади евра, а 1,5 милиони.

„Министерството за здравство информира дека уништувањето на инсулинот е од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото отстранување е направено со одлука на Владата на Република Северна Македонија. Нема да дозволиме нашите граѓани да користат сомнителен инсулин. Уништениот инсулин од паралелен увоз е вреден 330 илјади евра, а не еден и пол милион евра како што говорат во нивната прес-конференција“, соопшти Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство додаваат дека со донесените измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински средства, сега сите пациенти со дијабетес имаат оригинални инсулини со сертификат за квалитет.

„Пациентите користат квалитетни и оригинални инсулини. Не е како порано пациентите да не знаат каков инсулин примаат“, велат од министерството.

На прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска кажа дека се уништени 1,2 тони инсулин од кои дел, односно половина тон биле со валиден рок.

„Внимавајте се работи за уништување на инсулин чиј рок истекува дури после половина година и чија вредност е 1,5 милиони евра“, кажа Андоновска.

Таа објасни дека рок на инсулинот е до средината на наредната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот