МВР удри по бесните и несовесни возачи: За 48 часа казнети над 600 граѓани

Меѓу казнетите најбројни се оние возачи кои управувале автомобил чија брзина била повеќе од дозволената.

За само два дена казнети се над 600 возачи кои како учесници во сообраќајот не ги почитувале сообраќајните правила. Министерството за внатрешни работи во деновите од викендот продолжи со засилените акциски контроли, овој пат и во Скопје каде откри и казни 262 возачи. Меѓу казнетите најбројни се оние возачи кои управувале автомобил чија брзина била повеќе од дозволената. Потоа следат возачите кои управувале автомобили без возачка дозвола, а биле казнети и десетина мотоциклисти.

Со таканаречениот „Ноќен радар“ пак казнети се 384 учесници во сообраќајот во акцијата која започнала во 22 часот во саботата, а завршила во 4 часот наутро следниот ден. Со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови била спроведена акциска контрола за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 384 возачи. Од нив, 48 возачи возеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а девет возила се движеле со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното. При тоа 264 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 120 надвор од населено место.

Во истиот период спроведена е зајакната акциска контрола на територијата на СВР Тетово. Во контролата полицијата казнила 118 возачи. Од нив, 28 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а девет возила се движеле со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното. При тоа 57 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 61 надвор од населено место.

Од МВР велат дека акција имало и во населбата Ченто во Скопје каде биле откриени и казнети 66 возачи, а биле одземени еден автомобил и мотоцикл. Меѓу казнетите најбројни се тие за возење без возачка дозвола, четири лица управувале нерегистрирани возила, три санкции се за возач-почетник, две мерки за користење мобилен телефон, а казнети се и седум возачи на мотоцикли поради неносење заштитна кацига.

– На 26 јуни во периодот од 9 до 15 часот мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на автопатот Куманово – Скопје – Велес за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 98 возачи. Од нив, 18 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина – велат од МВР за „Слободен печат“.

Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го зголемиме нивото на сообраќајната култура.

„Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите четири месеци од 2022 година има 26 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 40 – рече Ангеловски.

Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот