Музичка продукција: Нов албум на Влатко Стефановски

Најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ на 20 ноември го објави новиот албум „Тафталиџе шафл (Taftalidze Shuffle)“ на Влатко Стефановски. Станува збор за едно од најисчекуваните музички изданија во 2020-та година, не само во Македонија, туку и во целиот регион, кое минатата недела со синглот „Огледало“ ја заинтригира јавноста на овие простори. На новиот албум Влатко е придружуван од подмладено Трио. Во новата ритам секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани.

И овој албум, како и сите претходни соло-проекти, Стефановски му го посветува на својот град, на Скопје, на населбата Тафталиџе, која е неговото маало. Песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому, заради сензибилитетот кој го носи музиката на Стефановски. Албумот е создаван во периодот од јануари до октомври, а текстовите се пишувани од април до јуни 2020 година.

– Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот – открива Влатко, зборувајќи за својот креативен процес.

Албумот е снимен во домашното студио „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работени во студиото „Тра-ла-ла“ на Мите Димовски. На албумот има многу гости, кои уште повеќе ја облагородија музиката и стиховите на Стефановски. Најбројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов. Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов на една песна свири труба.

Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив. Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветковски. Освен на компакт-диск, албумот кон крајот на декември ќе биде објавен и на винил.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 57, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот