Мартин Богатиноски

Мууууууу!

Според регулативите, воловите бегалци треба да се усмртат затоа што влегле од земја надвор од ЕУ. Замисли ја логиката: волот не знае што е ЕУ, не знае што е граница, ама знае што е зелена и сочна трева. И тргнал по неа. И сега за тоа ќе биде смртно казнет. Човек да се запраша: кој е тука волот?

Шест вола решиле да ја преминат македонско-бугарската граница. Не со пасош, не со шенген виза, не со повик од некоја крава од Ќустендил. Само така – тргнале. Пеш. И тамам кога човек ќе помисли дека ништо веќе не може да нè изненади на Балканот, еве ти – говеда во офанзива!

Си замислувам, седи некој бугарски цариник во канцеларија, си пие кафе, и вели: „Колеги, шест вола влязоха от Македония“.

И тамам тука треба некој да се насмее. Ама никој не се смее. Затоа што кај нас на Балканот, кога нешто е глупо – се сфаќа најсериозно.

Замисли ја сцената! Тивка ноќ. Нема метеж, граничарите спијат со едно око, нема камиони што чекаат ред. Само шест силуети, тешки и кротки, чекорат кон границата. Немаат карта, немаат план, ама имаат чувство дека од другата страна тревата е позелена. И тамам кога ќе стигнат, никој не ги прашува ништо. Ни „каде одите“, ни „што носите“, ни „имате ли нешто за пријавување“. Само си влегуваат.

Ете ти ја разликата. Човек ако сака да помине граница, треба да приложи документи, проверки, понекогаш и нерви. А воловите поминале без проблем. Ни пасош ни печат. Само пуштиле чекор и ја завршиле работата.

И сега, тамам што стигнале до Бугарија, веднаш проблем. Комисии. Прописи. Закони. Одеднаш воловите стануваат „случај“. Не се веќе животни што се изгубиле, туку административен проблем со четири нозе и рогови.

И тука почнува апсурдот. Според регулативите, треба да се усмртат затоа што влегле од земја надвор од ЕУ. Замисли ја логиката: волот не знае што е ЕУ, не знае што е граница, ама знае што е зелена и сочна трева. И тргнал по неа. И сега за тоа ќе биде смртно казнет.

Човек да се запраша: кој е тука волот?

Не би сакал да ги навредам говедата. Тие барем се искрени. Ако им е добро – стојат. Ако не им е – си одат. Не прават стратегии, не свикуваат прес-конференции, не даваат изјави. Само одлучуваат и тргнуваат. Инстинктивно.

Мене искрено ми се допаѓа нивната филозофија. Нема многу размислување. Ако ти е тесно – оди. Ако ти е лошо – промени. Ако не ти се допаѓа – премини граница. Без драмење.

Ама ете, проблемот е што светот не функционира така. Светот сака ред, правила, печати, комисија што ќе се состане, ќе дискутира, ќе одложи, па пак ќе се состане.

И тамам кога ќе помислиш дека им нема спас, одеднаш се појавува примерот со кравата Пенка. Таа, сирота, пред неколку години го стори истото кога илегално ја премина бугарско-српската граница. И тамам требаше да ја усмртат – светот се крена на нозе јуначки. Петиции, медиуми, луѓе што никогаш не виделе крава, ама се бореа за нејзиниот живот како за роднина.

И ја спасија. Затоа што понекогаш светот сака приказни со среќен крај. А Пенка беше „печена“ за главен јунак во приказна со среќен крај.

Прашањето е: дали овие шест вола ќе станат приказна или само ќе останат бројка во некој извештај?

Можеби ќе ги вратат. Можеби ќе куртулат. А можеби и ќе завршат како уште една апсурдна белешка во балканската реалност, каде што животните се казнуваат затоа што направиле нешто што луѓето го прават секој ден – бараат подобро место.

И тука доаѓа најироничниот дел. Илјадници луѓе заминуваат од Балканот секоја година. Некои легално, некои на работ на легалноста. Но, сите со една иста мисла: „таму е подобро“. И никој не формира комисија за нив. Никој не расправа дали треба да бидат „усмртени“ поради преминување граница.

Затоа, кога ќе размислиш, приказната со воловите не е смешна. Смешно е како се развива. Ама внатре горчи како пелин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот