Мултимедијален настан: Уметнички скок преку границите

Изложбата „Во длабоко и танцувајте“ на визуелната уметница Весна Стефановска од 4 до 23 септември е поставена во Музејот на современата уметност во Скопје.

Визуелната уметница Весна Стефановска живее и работи во Франција и затоа изложбата „Во длабоко и танцувајте“ е само втора нејзина самостојна изложба во нашата земја. Претходно се претставила со изложбата „Прозорец“ во 1997 година, а во меѓувреме учествувала на изложбата „Нарцисизми“ во 1999 и го направила перформансот „Ничија“ пред Универзалната сала во 2018 година.

Изложбата „Во длабоко и танцувајте“ содржи десетина дела од 1998 година, меѓу кои има инсталации во простор, видео инсталации, перформанс и реди-мејд содржини, групирани и артикулирани во циклусите „Отсуство“, „Возови рефлексии“, „Дојдете да видите како пoминува времето“, „Ничија“ и „Часовник“.

Весна Стефановска во МСУ се претставува со десетина дела изработени во различни медиуми

На изложбата премиерно се претставени инсталацијата и перформанс од делото „В кревет“, истражување на нашиот однос кон потсвеста и интимноста. Во сценографијата на изложбата, конципирана од самата авторка, Весна Стефановска го прегрнува речиси целиот нејзин уметнички опус, ставајќи го акцентот на делата реализирани од почетокот на 2000-тe години и група нови досега неприкажани дела.

Паралелно со поставката во Музејот на современата уметност, а во склоп на изложбата „Во длабоко и танцувајте“, авторката нуди уште две инсталации во јавен простор под наслов „Возови рефлексии“ во Старата железничка станица и „Отсуство“ на друга локација во градот, трансгресирајќи ги на тој начин границите помеѓу ентериер и екстериер, тука и таму, отворен и затворен, личен и јавен простор.

Како дел од овој пристап кон просторот инсталацијата „Отсуство“ ќе биде реализирана во повеќе збратимени градови на Скопје во странство и на пошироко интернационално ниво. Изложбата е реализирана со поддршка и соработка со Музејот на современата уметност, Град Скопје, Министерството за култура на РСМ и Францускиот институт во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 47, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот