Муцунски бара итно решение за уличните кучиња, активистите го потсетуваат дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ја усвојуваат програмата за работа на „Лајка“

Кучиња скитници
Кучиња скитници / Фото: МИА

Градот Скопје и градското претпријатие „Лајка“ немаат стратегија за справување со уличните кучиња, тврди градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој укажува дека локалната власт одвојува значителни средства од сопствениот буџет кои се префрлаат во буџетот на Градот Скопје, за ефикасно справување со овој проблем.

Во неколку наврати, од моја страна е побарано градската администрација да преземе мерки за решавање на овој проблем. За жал, секојдневните коментари, фотографии и снимки од теренот покажуваат дека тие не успеваат да најдат решение за овој проблем кој целосно е во нивна надлежност. Јас и понатаму стојам на ставот дека неопходно е градот да изнајде соодветно решение за третирање на уличните кучиња и тоа мора да се направи веднаш – напиша Муцунски на Фејсбук.

Тој додава дека доколку актуелното раководство на Град Скопје во следниот период не успее да изнајде решение, Општината ќе ја преиспита одлуката со која се одвојуваат пари за „Лајка“.

На неговата објава реагираа од граѓанска асоцијација „Бездомни животни без граници“, кои потенцираат дека Општина Аеродром беше една од ретките општини која ја препозна работата на претпријатието како исклучиво важна алка во низата на системски промени, кои треба да се преземат за да се воспостави контрола на бездомните животни и редовно го исплаќа својот учинок према ЈП Лајка, заедно со општините Центар и  Гази Баба.

Но во своето соопштение и со своите постапки, градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски ја отфрла секоја можност за објективност и анализа на состојбите и преку закани за неплаќање на договорната обрвска према ЈП „Лајка“ се обидува да ги амортизира реакциите на јавноста по објавата на видеото на кое се гледа како две кучиња напаѓаат трето куче, домашен миленик. Заканата за намалување на и така скромниот буџет на единственото јавно претпријатие кое врши исклучиво хумана и општокорисна работа во име на сите граѓани на Град Скопје, ќе доведе само до едно – да има уште повеќе бездомни животни на улиците во Скопје – соопштуваат од „Бездомни животни без граници“

Тие потсетуваат дека мнозинството во Советот на Град Скопје се советници од ВМРО-ДПМНЕ, партијата од која што е и самиот Муцунски, кои одбиваат да ја изгласаат програмата за работа на „Лајка“ и со тоа ја ограничуваат работата на претпријатието, затоа што без изгласана програма претпријатието не може да спроведува јавни набавки и да набави основни материјали за работа за непречено да ја врши својата дејност.

Состојбата со бездомните животни е комплексен проблем, за кој што одговорност треба да сносат повеќе чинители, почнувајќи од сите општини во државата, неодговорните граѓани и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како главен, законски задолжен орган за контрола на работата и активностите на сите останати во овој синџир. ЈП „Лајка“ е последната алка во синџирот која се справува со последиците од проблемот кој го создаваат вашите и наши сограѓани, а кој им го допуштаат нефункционалните институции. Поразителен е фактот дека во 2022 година само 5 од 70 општини во Македонија спровеле некаква програма за контрола на популацијата на бездомните кучиња. Кучињата не познаваат административни граници и ова е проблем кој мора да се решава со национална стратегија, усогласена за сите општини во државата. Поразителен е и фактот дека 43 инспектори вработени при Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 2016 до 2022 година изрекле само 33 глоби согласно на територија на цела држава за неодговорно сопствеништво – се вели во соопштението на здружението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот