Муабет со Филарета Атанасова, глумица: Обожавам што сум жена!

Во последниве десетина години откако редовно носам високи потпетици и црвен кармин, обожавам што сум жена, вели Филарета.

Со Филарета Атанасова разговараме на женски теми – што значи да се биде глумица во Македонија, како денес се споделува љубов и што за неа значи љубов, како ја развиваше актерската кариера по успехот на филмот „Сенки“ на Манчевски во кој таа глумеше.

Со што си преокупирана во моментов?

– За почеток да им ја честитам новата година на граѓаните, да им посакам на сите добро здравје, висока свест и емпатија за себе и за сите околу нив и да го живеат секој ден како последен без очекувања некој или нешто да им донесе среќа, да се сакаме себеси и сите околу нас и да сме благодарни што сме живи и здрави. Бидејќи ова ми се денови на одмор, преокупирана сум со себе и со своите хобија, што значи пливам, читам, танцувам стомачни танци, излегувам да се видам со пријателите…

Што работеше во меѓувреме, по филмот „Сенки“ на Манчевски?

– После, „Сенки“ на Милчо Манчевски, си продолжив тивко во животот, ги прифатив ситуациите околу мене и продолжив да снимам реклами. Не прифаќам проекти во кои не се чувствувам комотно. Имав неколку приватни театарски проекти, би издвоила еден кој ми посебно драг, во режија на мојата омилена професорка Кери, а беше проект за Блаже Конески. Се појавив неколкупати во новите македонски серии, „Инсајдер“ и „Преспав“, снимив помала улога во филмот на Игор Иванов, и тоа што нетрпеливо го очекувам е премиерата на американскиот филм „Fallen angels“, хорор во кој играм демон и газдарица на хотел. За акционите сцени вежбав со ученичка на Џеки Чен, четири дена снимавме на Матка со глумци од Англија и Австралија, ете, преубаво искуство кое ме поткрена малку од земја, па за миг лебдев, ама секогаш свесна и во добар „линк “ со себе и со тоа која сум, што сум и каде сум.

Да се победиш себе, за мене значи да го победиш егото и значи да бидеш спремен за вистински живот

Што за тебе значи љубов?

– Најдобар „аутфит“ е самодовербата и храброста да ти биде душата секогаш отворена без разлика што примила внатре. Тоа за мене е љубовта. Кога имаш самодоверба веруваш во себе, а кога ти е душата отворена – даваш и примаш сè, и ако доаѓа од вистински извор – тоа е постоење. Кога се затвораме и дозволуваме да победи егото, со него доаѓаат и многу други непоканети пријателчиња. Тогаш се случува хаос во душата и во недостаток на љубов правиме сè за да ја пополниме таа празнина, што е тажно. Да се победиш себе, за мене значи да го победиш егото и значи да бидеш спремен за вистински живот, во спортивно ќе ги живееш проекциите на сопстевните стравови. Љубовта е чудна, волшебна, страшна емоција која кога ќе допре билокое срце, тоа се стопува. Животот е љубовен сон, со крај, па да ги обоиме сништата додека спиеме. Најубавото пијанство на овој век е да си пијан од љубов.

Како градска девојка присутна во социјалниот градски живот, но и како набљудувач, како се споделува денес љубовта?

– Денес љубовта е како инстант решение, се конзумира лесно, се преведува погрешно. На социјалните мрежи има инфлуерсерки кои никогаш не ги разбрав, бидејќи денес сите имаме достапност до модните трендови, па како и што диктираат тие и кому?! Тренд е секоја и секој да личат еден на друг, но зошто таа глума на гламур, зошто таа панична желба да се зборува за себе и за сопствените ставови?! Инстант живот, инстант убавина, инстант дипломи…, во таа некоја тренди трка секој да има многу пари, сè да се конзумира брзо, секој секого „следи“, во суштина гледам само бегање од себе и глумење некој и нешто што не се. Секако, тука се и инсант решенијата, смешните маски и пластични усни, како и пурите во задимени простории. Изгубени души. Сакам да верувам дека на сите веќе им се смачено од инстант-живот, на крајот на денот сите знаеме кои сме, иако бегаме од вистинските вредности.

Дали е тешко во денешно време да се биде жена -актер?

– Самодовербата ми е најдобар „аутфит“. И силна и слаба, и строга и смешна и често незрела во своите животни улоги, знам да бидам и девојче, но ја чувствувам и сакам жената во мене. Неа, како актерка, не и треба поддршка позади себе. Немав среќа да го трчам маратонот наречен театар, не влегов во тие тимови, но затоа сум кралица на трки на сто метри и секогаш сум прва. Одамна научив да не си судам и да не сум строга кон себе и затоа ниту судам ниту дозволувам да ми судат. Само една работа е тешка да си жена – актер, убава, страсна и талентирана, тоа е како да здогледаш срна на пешачки премин. Жените некако ќе ти простат за сè што носиш на себе и во себе, ама мажите – тешко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот