СП Колаж : Трамп и Нетанјаху со нов план за Газа

Може ли новиот „Одбор за мир“ на Трамп за Газа да стане сериозна алтернатива на ОН?

Може ли новиот „Одбор за мир“ на Доналд Трамп да стане сериозна алтернатива на Обединетите нации? Дали телото ќе има реална моќ да ги спроведува мировните договори во Газа, како ќе се одредува кој ќе биде негов член, и колку навистина ќе биде меродавно во управувањето со тешките фази на конфликтот? Прашањата околу структурата, мандатот и процедурата за донесување одлуки остануваат отворени, додека САД го промовираат одборот како „смел нов пристап кон решавање на глобалните конфликти, анализираат светските медиуми.

Имено како што наведува „Асошиејтед прес“ во своја анализа на темава американскиот претседател Доналд Трамп е целосно посветен на формирањето на новиот „Одбор за мир“, кој треба да ја надгледува следната фаза од мировниот план за Газа.

Како што наведува медиумот Израел е меѓу поканетите да се приклучи, но засега не е познато дали премиерот Бенјамин Нетанјаху ја прифатил поканата, соопшти израелски функционер кој зборуваше под услов да остане анонимен. Од друга страна Франција, пак, засега се воздржува од прифаќање, што отвора дилеми за легитимитетот и почитувањето на принципите на Обединетите нации.

Кои се поканети а кои не во Трамповиот „одбор за мир“

Како што наведуваа британски Би-би-си поканите се испратени и до Русија, Белорусија, Словенија, Тајланд и извршната власт на Европската Унија, меѓу другите. Сепак, не е јасно колку лидери се поканети и како ќе се регулира процесот на донесување одлуки. Големиот број покани, вклучително и до земји што не се согласуваат да учествуваат, отвораат прашања за мандатот на одборот и потенцијалната улога на Израел во спроведувањето на договорот за прекин на огнот во Газа, посочува медиумот.

Трамп и Путин во 2018 година / Фото: EPA/EFE / Anatoliy Maltsev

Референцата на Трамп дека телото „ќе се впушти во смел нов пристап кон решавање на глобалните конфликти“ ја поставува идејата дека „Одборот “може да дејствува како паралелно тело на Советот за безбедност на ОН, најмоќното тело на глобалната организација создадено по Втората светска војна.

Ова отвора дополнителни прашања за улогата на ООН и за тоа како новото тело ќе соработува со веќе постоечките структури на меѓународната дипломатија.

Франција одби да биде членка во тимот на Трамп

Во меѓувреме Франција јасно изјави дека не планира да се приклучи „во оваа фаза“. Француски функционер близок до претседателот Емануел Макрон изјави дека пристапот на Париз е во согласност со принципите на Обединетите нации и дека структурата на одборот на Трамп е неодредена, со што се поставува дилема за легитимитетот на телото.

Фото: EPA / Ian Langsdon

Трамп одговори со својот стил, шеговито обвинувајќи го Макрон: „Ќе ставам царина од 200% на неговите вина и шампањи и тој ќе се приклучи. Но, тој не мора да се приклучи.“

Во исто време мароканскиот крал Мохамед VI е првиот арапски лидер што ја прифати поканата, додека Виетнам, Казахстан, Унгарија и Аргентина исто така потпишаа. Рускиот претседател Владимир Путин ја примил поканата, но Кремљ засега „ги проучува деталите“ за сите нијанси. Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, е подготвен да учествува, а Тајланд исто така ја разгледува можноста за приклучување. Портпаролот на Европската комисија изјави дека Урсула фон дер Лајен ќе разговара со другите лидери на ЕУ за улогата на Комисијата во процесот за Газа.

Израел со свои забелешки за одборот

Од друга страна, израелскиот министер за финансии Безалел Смотрих го отфрли одборот како „суров договор“ за Израел и повика на негово распуштање. Тој нагласи дека Газа е исклучиво одговорност на Израел и дека Израел треба да воведе воена администрација, потенцирајќи дека целосна офанзива на Хамас може да биде неопходна ако не се придржува до ултиматумите за разоружување.

Нетанјаху и Трамп / Фото EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Нетанјаху, пак, соопшти дека иако постојат разлики со САД околу составот на советодавниот комитет, тоа нема да го наруши односот со Трамп.

Кабинетот на премиерот додаде дека формирањето на извршен одбор без координација со израелската влада е спротивно на нивната политика. Турција, како регионален ривал на Израел, е меѓу поканетите, што дополнително ја комплицира динамиката.

Се очекува официјалниот список на членови да биде објавен за време на Светскиот економски форум во Давос. Членовите на одборот ќе ја надгледуваат извршната команда задолжена за спроведување на втората фаза од мировниот план за Газа, што вклучува распоредување на меѓународни безбедносни сили, разоружување на Хамас и реконструкција на територијата уништена во конфликтот.

Начин како да се биде член на „одборот за мир“

Придонес од 1 милијарда долари обезбедува трајно членство во одборот, а средствата ќе се користат за обнова на Газа, наведуваат медиумите.

Според извештај на Светската банка, за обнова на Појасот на Газа и Западниот Брег се потребни околу 53 милијарди долари. Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Обединетото Кралство продолжува дијалог со сојузниците за потенцијалната улога во одборот.

Во исто време, египетскиот министер за надворешни работи Бадер Абделати се сретна со лидерот на новоназначениот комитет на палестински технократи, Али Шаат, кој ќе ја води секојдневната администрација во Газа додека Палестинската самоуправа не ја преземе територијата. Египет ја изрази „целосната поддршка“ за улогата на комитетот во управувањето со Газа.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот