„Мостови на Струга“: Објавен конкурсот за најдобра дебитантска книга од млад автор на СВП за 2021 година

Фото: mia.mk

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата” (СВП), во соработка со УНЕСКО, го објави конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга” 2021 за најдобра дебитантска книга од млад автор. Конкурсот ќе трае до 1 март 2021 година, а може да учествуваат сите дебитантски книги на млади поети (под 35 години), а лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата – 21 Март.

– Кандидатите треба да испратат три копии од книгата со која конкурираат и најмалку пет песни од истата книга преведени на англиски јазик на поштенската адреса на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 109, 6330 Струга, Република Северна Македонија) или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки. Крајниот рок за пристигнување на книгите на адресата на СВП е 1 март. Апликацијата треба да се поднесе и во електронска верзија на веб-адресите на СВП: [email protected] и [email protected]. Исто така, кандидатите треба да го испратат ISBN бројот заедно со три книги во печатена форма, соопшти Националната установа Струшки вечери на поезијата.

Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот – лауреат во превод на македонски јазик. Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на годинашното фестивалско издание, каде ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови”.

Наградата „Мостови на Струга” беше востановена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 Март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото. Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец” и „Мостови на Струга”.

Досегашни добитници на наградата биле: Ангело В. Суарез (Филипини) 2004 година, Андреа Коте (Колумбија ) 2005 година, Маријана Гејде (Руска Федерација) 2006 година, Мануа Риме (Белгија) 2007 година, Антонија Новаковиќ (Хрватска) 2008 година, Усман Сарус (Сенегал) 2009 година, Сим Кера (Естонија) 2010 година, Хироши Таниучи (Јапонија) 2011 година, Франсоа-Ксавиер Мегр (Франција) 2012 година, Николина Андова Шопова (Македонија) 2013 година, Хари Ман (Велика Британија) 2014 година, Паула Бозалонго (Шпанија) 2015 година, Руна Светликова (Белгија) 2016 година, Горан Чолакхоџиќ (Хрватска) 2017 година, Паули Тапио (Финска) 2018 година, Моника Херцег (Хрватска) 2019 година и Мартина Стракова (Словачка) 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот