Морињата се сѐ потопли, организмите во нив позагрозени: Водите ширум светот со рекордно високи температури

Фото: Пекселс/brandon-imbriale

Топлотните бранови кои ја зафатија северната хемисфера уриваат рекорди и влијаат на затоплувањето на водите, пишува српски „Нејшнал џеогарфик“.

Научниците од шпанскиот центар за поморски студии забележаа досега највисока дневна температура во водите на Средоземното Море, токму во периодот кога исклучителните горештини зафатија голем дел од медитеранскиот слив. Според научниците на „Наса“, јули 2023 година се заканува да биде најтоплиот месец во последните неколку милениуми.

„Соборен е нов рекорд за периодот 1982-2023 година за просечна дневна температура на површината на Средоземното Море од 28,71 степени Целзиусови“, објави Институтот за морска наука (ICM) од Барселона, пренесуваат агенциите.

Овие резултати се добиени со анализа на податоците собрани од Европската опсерваторија Коперник.

За споредба, претходната рекордна дневна температура на водата во Средоземното Море е забележана на 23 август 2003 година и изнесувала околу 28,25 степени Целзиусови.

Фото: Пекселс/todoran-bogdan

На другата страна од светот, поточно во близина на јужна Флорида, научниците во понеделникот забележаа и уште еден рекорд кога станува збор за температурата на водата, која изнесува 37,8 степени Целзиусови. Имено, во една од пловците на длабочина од 1,5 м во заливот Манате, рекордот е измерен во 18 часот по локално време.

Она што особено ги загрижува научниците е фактот што температурата се задржала над 37 степени Целзиусови во следните четири часа. Но и дека, иако нема официјален светски рекорд за температурата на површината на морето, податоците укажуваат дека претходниот бил забележан во Кувајтскиот залив и дека бил 37,5 степени Целзиусови.

Смрт за морските екосистеми

Кога би се одржувале долго екстремно високи температури, тогаш за морските системи во тие води тоа би значело само едно – смрт. Американската Национална океанска и атмосферска администрација наведува дека околу 25 отсто од сите морски видови живеат наоколу, на или во коралните гребени. Што е еквивалентно на биодиверзитетот на тропските дождовни шуми.

Непрофитната фондација за реставрација на корали (CRF) објави дека гребенот со име Сомбреро во Јужна Флорида, на чие обновување работеле, е уништен: „Она што го откривме беше речиси незамисливо – 100 отсто смртност на коралите “, рече Фанор Монтоја во изјава од организацијата.

Фото: Пекселс/francesco-ungaro

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот