МОН спроведува тестирање на учениците до 15 години

Со онлајн-обуки на наставниците и директорите од средните училишта во државава, Министерството за образование и наука ги почна подготовките за претстојното пробно тестирање за ПИСА.

Министерката за образование и наука Мила Царовска им посака успешна обука на наставниците и директорите, посочувајќи дека тие се најважната алка во постигнувањето добри резултати на тестирањата.

– За резултатите од тестирањата да станат наша национална гордост е потребна огромна посветеност и работа од сите нас. Затоа наставниците и начинот на којшто тие ќе го пренесат знаењето на децата ни се клучни во овој процес и во резултатите коишто ќе ги постигнеме идната година. Подобрувањето на квалитетот и зголемувањето на ефикасноста на образованието според современите светски образовни стандарди, се клучни цели на нашата образовна политика. За таа цел ја организираме и оваа обука којашто треба да ни ги подобри резултатите на престојните тестирања, рече Царовска.

ПИСА (Programme for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците на возраст од 15 години, главно во три подрачја: оспособеност за читање со разбирање – и критички пристап во читањето пишани материјали, математичка писменост – читање, интерпретирање и решавање проблем со организирање и толкување на дадени информации и избирање метод за решавање, и писменост во природните науки – препознавање научни прашања, користење  научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.

– ПИСА е циклична континуирана програма која дава увид во образовните политики и практики и помага во следењето на трендовите во стекнување знаења и вештини кај учениците на иста возраст во различни земји и различни демографски подгрупи во секоја држава. Оваа проценка не потврдува само дали учениците можат да го репродуцираат своето знаење, туку испитува и колку добро можат да го искористат наученото во непознати ситуации, во училиште и надвор од него, информира МОН за тестирањето ПИСА, кое го организира Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот