МОН почнува процес за вработување на образовните асистенти (ВИДЕО)

Profimedia

Министерството за образование и наука има уште малку време да ги примени протоколите за настава пред почетокот на новата учебна година на 1 октомври, но родителите на деца со посебни потреби реагираат дека во протоколот се изоставени децата кои имаат посебни образовни потреби.

– Моето дете кое има аутизам не е во можност да ја следи он-лајн наставата каква што е подготвена за останатите ученици. Децата со посебни потреби, кога одат во училиште имаат посебна наставна програма која вклучува дефектолози, логопед, педагог, програма индивидуална за секого, според која добиваат оценки. Второто полугодие лани, таква програма не ни дадоа за он-лајн настава, но тоа можам да го сфатам, бидејќи ситуацијата сите не пречека неподготвени. Но, сега после шест месеци, немам разбирање што за децата со посебни потреби никој не се обиде да изготви соодветна програма за учење од дома, вели Сања, мајка на седмооделенец кој има аутизам.

Проблем за децата со посебни потреби, но и за родителите, е недостатокот од образовни и лични асистенти. 

Од општина Ѓорче Петров, каде што живее Сања, ни потврдија дека се справуваат со потешкотии во обидот да обезбедат лични и образовни асистенти.

– УНДП ни одобри средства за девет персонални асистенти, но досега се пријавија само седум. Нема интерес поради ниските месечни плати кои им се нудат на асистентите. Никој не сака да работи за 7.000 плата, а при тоа да има факултетска диплома. Но, и да се пријават уште потребните двајца, пак ќе биде недоволно, бидејќи имаме реална потреба за 20 лични асистенти, нѝ изјави Соња Палчевска Ќосева, од секторот за образование во Општина Ѓорче Петров.

Слободен печат разговараше уште со две мајки на деца со посебни потреби. Двете деца имаат аутистичен спектар, и имаат потешкотии во учењето. На Огнен, кој оваа година ќе биде прваче, му е доделен образовен асистент, а Коста кој исто така ќе биде прваче, е одбиен од Општина Аеродром, без на семејството да му биде приложено било каков документ со образложение.

Решение на проблемот има, велат упатените, а тоа е образовните асистенти да се вработат и да земаат соодветни месечни примања, а не мизерни 7.500 денари.

Андријана, која е одделенски наставник по професија, трета година по ред е образовен асистент на глувонемо дете. Таа отворено зборува за предизвиците со кои се соочува, обидувајќи се за надомест од 7.500 денари месечно да му обезбеди непречено следење на наставата.

– Трета година по ред работам со исто дете. Детето е глувонемо, нема концентрација и не беше лесно да се воспостави близок контакт и доверба. Првата година бегаше, се криеше од мене, но сега веќе сме многу поврзани. Има напредок, задоволни се и родителите, а и детето е среќно. Сепак, не е лесно да се биде асистент на дете со посебни потреби, некои деца се и агресивни, тешки за соработка. А, паричниот надоместок кој го добиваме за тоа е многу мал, 7.500 денари од УНДП. Не сме пријавени, немаме работен стаж. Доставивме барање до МОН и до претседателот Пендаровски, да бидеме вработени. Од кабинетот на претседателот ни одговорија дека не се овластени по ова прашање, додека од МОН се уште нема никаков одговор, објаснува Андријана.

Образовните асистенти за време на часовите седат со децата, и значително придонесуваат за совладување на наставниот материјал кој е различнен за секое дете со посебни потреби. Но, проблемот се појавува кога поради недоволна мотивираност асистентите се откажуваат, што пак најмногу се одразува на децата.

– Јас не верувам дека образовните асистенти ќе се откажуваат од ангажманите ако добијат вработување. Кога почнавме бевме 15, сега сме седум асистенти.Тешко е да се откажеш од детето, се приврзуваш со него, но кога е во прашање подобра понуда за работа, сите пред се ја ставаат својата егзистенција, вели Андријана.

Од МОН објаснуваат дека можно е да почне процесот на вработување на образовните асистенти.

– Врвен приоритет на Министерството за образование и наука (МОН) е да обезбеди спроведување на концепцијата за инклузивно образование и да обезбеди одржливост на системот, што значи и вработување на давателите на услугата во образовниот процес. МОН во моментов работи на допрецизирање на регулативата со којашто ќе се стандардизира услугата образовен асистент, по што ќе биде можно да почне процесот на вработување на образовните асистенти. До завршувањето на овој процес, образовните асистенти ќе бидат ангажирани преку Програмата за општинско-корисна работа. Во завршна фаза е изготвувањето на регулативата што ќе ги даде стандардите за услугата образовен асистент, по што ќе почнат и обуките за лицата заинтересирани да работат како образовни асистенти, велат од МОН.

Државата ги заборави: За децата со посебни потреби училишната година нема да почне

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот