МОН почна со реформите, некои родители – со бојкот на наставата!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Родителите од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ пратиле допис до сите основни и средни училишта, незадоволни од реформите во образованието, а најмногу од недостатокот на учебници за четврто одделение. Дел од родителите на учениците во четврто одделение во ОУ „7 Март” во Милетино, Брвеница, не ги пуштиле своите деца на училиште во понеделникот во знак на револт што годинава четвртоодделенците не добија учебници.

– Ова е предупредувачки бојкот, да им дадеме до знаење дека нема да се откажеме. Проблем е и Законот за учебници кој што го повлекоа, бидејќи баравме референдум. Законот уште не е вратен – изјави Драгана Спасевска од Иницијативата.

Реформите предвидуваат да се учи од дигитални учебници, но уредот за следење на ваквата настава е бесплатен само за 10.000 ученици од социјално ранливите семејства. Премиерот Зоран Заев изјави дека голем дел од децата се обезбедени со смарт таблети, а онаму каде што нема доволно, Владата ќе најде начин децата да се чувствуваат рамноправно.

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека наставниците кои биле обучени без проблеми почнале да работат по новите програми за прво и четврто одделение. Дигитализацијата е еден од приоритетите на ЕУ. Родителите преку „е-дневник“ ќе добиваат неделни извештаи преку СМС-порака за активностите на нивните деца на училиште.

– Сигурна сум дека овие суштински реформи ќе резултираат со поквалитетно образование, во што ќе се увериме на следните меѓународни и национални тестирања на знаењата на учениците – изјави министерката за образование Мила Царовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот