МОН: Интернетот ќе биде бесплатен, за ИТ-уред секој треба да се снајде

Министерот Адеми најави дека во соработка со МИОА ќе доделат ваучери за интернет, а за компјутери или други ИТ-уреди ќе се бараат донации или семејствата ќе мора сами да си ги набават.

Министерството за образование и наука (МОН) ќе им обезбеди бесплатен пристап на интернет на децата од социјално загрозените семејства за да ја следат наставата од дома, а не планира да им обезбеди ИТ-уред од својот буџет (лаптоп, таблет и слично), затоа што сметаат дека речиси сите семејства имаат паметни мобилни телефони или други уреди. Министерот за образование Арбер Адеми изјави дека оние што немаат ИТ-уреди можат да купат половни по скромна цена, а бараат и донации од компаниите.

–  Ние се определивме да обезбедиме интернет за сите деца и затоа пративме допис до сите училишта да нė информираат кои деца немаат пристап до интернет. Можеби имало недоразбирање, барале податоци за доделување и распределување на ИТ-уреди, но најбитно е сега секој да има интернет. Со колегата-министер, задолжен за информатичко општество, Дамјан Манчевски, ќе доделуваме ваучери за пристап до интернет бесплатно за сите деца кои потекнуваат од семејства кои немаат никакви приходи. ИТ-уред, може генерално да кажам, дека најголем дел од децата или родителите на децата имаат, бидејќи, ако се сеќавате, во нормални околности имаше апели до нас да се забрани употребата на смарт-телефони за време на часовите. Најголем број на учениците или родителите на учениците имаат ИТ-уред, но најискрено може да ви кажам дека и со една скромна цена на пазарот може да се обезбеди употребуван ИТ-уред или најмалку паметен телефон. Така што не гледаме дека имаме проблем, иако веќе сме во комуникација со потенцијални донатори од бизнис-заедницата кои сакаат да помогнат во овој дел на најзагрозените семејства кои се под социјален ризик без никакви примања – рече министерот Адеми во интервју за Радио Слободна Европа.

Учебната година нема да биде прекината и повторена

Од МОН се категорични дека учењето од дома е системско и задолжително, и наставата ќе се реализира докрај. Надлежните воопшто не размислуваат за законската можност оваа учебна година да биде прогласена за завршена по успешно спроведените најмалку 100 дена настава. Според Законот за основното образование, воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби како природни непогоди, епидемии и друго, за што одлучува министерот и го утврдува организирањето на наставата до крајот на учебната година која треба да трае најмалку 100 наставни дена. Нормална учебна година трае 180 наставни дена, а до прекинот на  наставата што се случи на 11 март поради заканата од коронавирусот беа изминати 120 наставни дена.

– Со воведувањето на задолжителното далечинско учење, воспитно-образовниот процес продолжи да се спроведува формално, така што учебната година нема да биде прекината и повторена, туку ќе продолжи да се реализира до целосно завршување. МОН се обрати до училиштата за да се обезбедат податоци за учениците кои потекнуваат од семејства од социјален ризик и кои можеби немаат електронски уреди или интернет, со цел да се најде начин да им се помогне и да бидат вклучени во наставата. Но, од училиштата не ги добивме податоците кои ни беа потребни. Сега, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, ги обезбедуваме податоците за децата од социјално загрозени семејства и по компарирање со податоците од училиштата, ќе ја добиеме реалната бројка на ученици кои имаат потреба од поддршка и помош во делот на вклучување во далечинското учење, по што ќе излеземе во јавноста со повеќе информации. Обезбедувањето на интернет ќе се реализира со поддршка на МИОА, а за евентуално обезбедување на ИТ уреди, дополнително ќе информираме  – велат од МОН за „Слободен печат“.

Социјална помош добиваат околу 30.000 домаќинства

Надлежните сметаат дека уредите не се проблем и најавуваат дека наскоро ќе почне и оценувањето на постигнатиот успех за последното тримесечие, при што оценката ќе се пресметува во крајниот успех. Сė уште не знаат за колку вкупно ученици не обезбедиле  подеднакви услови за учење, а со тоа и цел месец се без настава.

Според бројките на Министерството за труд и социјала, во Македонија околу 30.000 домаќинства, односно 120.000 граѓани се приматели на социјална помош. Минатата есен, три месеци по социјалната реформа, тогашната министерка за труд, Мила Царовска, рече дека детскиот додаток им се исплаќа на 20.230 деца, образовниот додаток на 8.681 деца, што е трипати повеќе од претходно, а до крајот на реформата се очекува околу 70.000 деца да примаат детски и образовен додаток.

Адеми: За една или две недели ќе го оцениме квалитетот на онлајн-наставата

Министерот за образование Арбер Адеми најави дека наскоро ќе се оценува колку е квалитетна  онлајн-наставата што импровизирано се спроведува за време на вонредната состојба.

– Оваа несреќа е шанса да се ангажираме и да го доградиме нашиот национален образовен систем за онлајн-настава. Има предизвици, што и да направите во образованието ќе има предизвици и ќе има критики. Критиките некогаш држат вода. За една или две недели ќе се отвори темата околу тоа дали овој начин на организирање на наставниот процес гарантира квалитет. Вакви теми ќе се отворат по една или две недели – рече Адеми при гостување во ТВ21.

Тој додаде дека не може да ја поддржи одлуката за намалување на платите во јавниот сектор, односно на наставниците, кои во овој период се дополнително ангажирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот