Моите 1 + 5: По избор на Никола Гелевски – „Portrait of a Lady on Fire“ од Селин Скиама

Никола Гелевски/Portrait of a Lady on Fire
Никола Гелевски/Portrait of a Lady on Fire

„Portrait of a Lady on Fire“ е моќен и убедлив филм за љубовта, уметноста и слободата, за контекст наизглед далечен и егзотичен, а всушност – токму низ силата на емпатијата и уметноста – чудесновишно близок и актуелен

Ова е најновиот филм (2019) на повеќекратно наградуваната француска сценаристка и режисерка, Селин Скиама. За разлика од нејзините претходни филмови во кои се занимаваше со француското современо општество, „Portrait of a Lady on Fire“ е сместена на крајот од 18 век.

Драмата ја следи храбрата и самосвесна сликарка Мариен (Ноеми Мерлан), која се нафаќа да ѝ направи венчан портрет на младата аристократка Елојза (Адел Инел). Но, бидејќи Елојза се противи на бракот и не сака да биде портретирана, Мариен се преправа дека е изнајмена да ѝ прави друштво на Елојза за да може да го набљудува својот модел и скришно навечер да го слика.

Филмот ја прикажува забранетата афера помеѓу сликарка (скришниот набљудувач) и аристократка (скришниот објект на набљудување). Режисерката Скиама гради таков силен емотивен и психолошки набој меѓу протагонистките, што нивните „доделени улоги“ со текот на филмот се релативизираат и пресвртуваат, та двата лика подеднакво и едновремено се и набљудувачи и набљудувани.

Portrait of a Lady on Fire/Twitter
Portrait of a Lady on Fire/Twitter

Овој феминистички и квир филм и во поделбата на улогите е речиси сосема женски (мажи се појавуваат само на почетокот на филмот, како веслачи во чамецот што ја носи Мариен на изолираниот остров во Бретања). Мошне е впечатлива епизодната улога на слугинката Софи во брилијантна и духовита изведба на мошне младата француска глумица (со албанско потекло), Луана Бајрами. Одлична е и Валерија Голино во улогата на грофицата, мајка на Елојза. Сите четири жени во филмот убедливо и пластично ги претставуваат родовите улоги, сексуалните идентитети, перспективите и општествените улоги на жените при крајот на 18 век.

Незаборавна, истовремено морничава и духовита (каков што е, впрочем, и целиот филм) е сцената со абортусот на младата Софи. Еден од врвовите на филмот е и обредот или народната женска свеченост на која заминуваат трите девојки, каде што пеат локалните жени и каде што на кратко се пали фустанот на Елојза.

Филмот првенствено е силна љубовна и психолошка драма, со слоевити карактери, но е и силна историска фреска. Импресионира токму неговата сликарска димензија, визуелниот идентитет претставен низ изборот на боите, осветлувањето и фасцинантните локации. Восхитувачки се и костимите, фустаните на протагонистките, маестрално ликовно вткаени во раскошниот визуелен скелет на филмот. Музиката, исто така, е исклучително прецизно и функционално употребена, а освен неверојатното групно женско пеење при обредот (кое предизвикува восхит и морници, едновремено!), потресен е и крајот на филмот со „Четирите годишни времиња“ на Вивалди.

Режисерската Скиама инспирација за портретот на сликарката побарала во животите на неколку сликарки и сликари од тоа време (Роза Бонер, Мари Бракемонд, Берта Моризо…). Се разбира, неизбежни се и асоцијациите на импресионизмот и на Клод Моне, кој има цела низа слики работени во истиот амбиент, на брегот на Бретања. „Portrait of a Lady on Fire“ е моќен и убедлив филм за љубовта, уметноста и слободата, за контекст наизглед далечен и егзотичен, а всушност – токму низ силата на емпатијата и уметноста – чудесновишно близок и актуелен.

+5

 

„Beanpole“, режисер: Kантемир Балагов, 2019
„Swallow“, режисер: Карло Мирабела Дејвис, 2019
„The Lighthouse“, режисер: Роберт Егерс, 2019
„Transit“, режисер: Кристијан Пецолд, 2018
„Tourist“, режисер: Рубен Естлунд, 2014

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот