Моите 1 + 5: По избор на Maртин Иванов – „Dogman“ од Матео Гароне

Мартин Иванов/ Dogman
Мартин Иванов/ Dogman

Марчело е и добар и лош. Не е прикажан како херој што морализира туку носи одлуки какви што реалноста бара од него. Всушност, затоа и „Догмен“ „ме зграби“ на прво гледање.

Во денови кога бев речиси убеден дека европската кинематографија пред да заспие ја остава вилицата во чаша со вода (шампањ) без идеја и стремеж за  иднината и однос спрема филмскиот занает, се случи да бидам изненаден од спротивното.

На Сараевскиот филмски фестивал во 2018 година, заедно со неколку колеги отидовме на проекција на тогашниот нов филм на Матео Гароне – „Dogman“, без никакво предзнаење за филмот, освен дека таа година беше номиниран за „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал. Седнав на нумерирано столче во отвореното кино и трпеливо чекав да поминат сите церемонии за најава на сараевската премиера на „Dogman“. Најпосле филмот се прикажа на огромното платно и после час и четриесетина минути мојата вилица беше на земја. Се запрашував зошто? Дали треба да интелектуализирам или напросто да уживам во спомените од емотивното патување додека го гледав „Dogman“? Дали мојата фасцинација се случи затоа што конечно гледав европски филм кој е „на земја“ без да кокетира со високи концепти за уметност својствени за темите на панел дискусиите кои ги водат квази кустоси и квази теоретичари на современата уметност. Или можеби само зашто гледав искрен филм направен од човек за човек… После три години ферментација на мислите со овој краток текст ќе се обидам да го најдам одговорот.

Во сировиот пејсаж на скриена Италија, живее Марчело, симпатичен фризер за кучиња. Животот му е едноставен: тoj е посветен татко кој го поминува времето со ќерка си на нуркање, има ладен однос со поранешната жена, за разонода игра фудбал и дополнително заработува пари продавајќи кокаин. Симоне, локален тепач кој често прави маалски зулуми му е редовен муштерија, но не за кастрење на кучешко крзно туку за она второто. Додека локалците заговараат како да се отарасат од Симоне, па дури и со ликвидација поради неговото насилно поведение, Марчело е единствениот кој верува во добрата страна на Симоне, како пес кој безрезервно е посветен на сопственикот. Приказната почнува да се комплицира кога Марчело се жртвува за Симоне со тоа што оди во затвор наместо него со идеја дека кога ќе излезе на слобода ќе го добие неговиот дел од последната зделка. За да биде филмот – филм, Марчело не само што не ги добива парите туку почнува да ја открива неговата мрачна страна посакувајќи одмазда. А човек што бара одмазда копа два гроба – еден за непријателот и еден за себе.

Старозаветната приказна за Давид и Голијат е искористена во современ контекст, но со изменeт крај – Марчело не станува цар туку трагичар. Токсичната машкост за која толку многу се зборува изминативе години, во овој филм се става на кантар. На едниот тас е ликот на Марчело, скромен бербер за кучиња, а од другата Симоне, насилен боксер кој ако би го ставиле во некоја басна би бил куче помеѓу расата Питбул и Ротфајлер.

Очегледнен е полариететот на алфа и бета машкоста како ривалство помеѓу улична џукела со гризнато увце од мал-среден раст и диво куче со лигава вилица спремно за борба. Во филмот лесно може да се види генезата на нашиот вид преку борбата за преживување. Насилството е сирово и не е хиперболизирано. Моралната линија на ликовите не е чиста. Марчело е и добар и лош. Не е прикажан како херој што морализира, туку носи одлуки какви што реалноста бара од него. Всушност, затоа и Догмен ме зграби на прво гледање.

Dogman/Youtube Print Screen
Dogman/Youtube Print Screen

Сите филмови кои ме фасцинирале немаат морално чисти ликови. Во таквите филмови секогаш имам чувство дека ликовите постоеле и пред најавната шпица. Само во евтини жанровски филмови и измиени политички коректни наративи, ликовите се увезени како од друга планета. Имено, монохроматското боење на ликови е здодевно и не соодветствува со реалноста. Тоа не е случај со Марчело.

Иако го запознаваме како лик кој е посветен родител тој сепак се бави со нешто што е ставено во рамки на неморал – продавање дрога. Инаку тешко дека со фризерскиот занает Марчело ќе може да си дозволи добро поминато време на нуркачки екскурзии со ќерка си. Тоа што во филмот не се игра со стереотипот за дилер на дрога накитен со златни ланци кој лудува и живее во луксуз доволно кажува за оној морален слалом низ кој не’ води Гароне. Животот често ги тера луѓето да криумчарат, продаваат дрога, да бидат трчи-лажи, но не поради аздис, туку поради решавање на основни егзистенцијални проблеми.

Како филмски занаетчија исклучително ме израдува начинот на раскажување. Кинематографијата на Николаи Бруел го набљудува светот на Марчело преку стилизирана документаристика давајќи мрачна нота на конечниот митски крај. Монтажерот Марко Сполетини, заедно со Гароне градат пеколен спорогоречки ритам. Нивната соработка е докажана и претходно во сировиот „Gomorrah“ (2008) каде што пристапот на режијата е сосема поинаков од „Dogman“ и следствено на тоа „сечењето“ на кадрите е подиво. Како јадро низ кое се вртат претходно споменатите автори е секако актерот Марчело Фонте. Актерски дебитира во главна улога и маѓепсува со неговата едноставност и присутност пред камерата. За оваа улога Марчело добива „Златна палма“ во Кан.

Режисерот Гароне го става Марчело во простор што целосно кореспондира со реалноста и со сето ова стои на крстопат низ кој се сечат италијанскиот неореализам, југословенскиот црн бран, неоноар и стилот на Фелини и Тарковски. Пишувајќи го текстов посакав пак да го гледам „Dogman“. Можеби затоа што повторно одамна немам погледнато понов филм што е скромен и непрентенциозен во филмскиот јазик и приказната што ја раскажува, и поради тоа што не жонглира со екстремна политичката коректност која раѓа фригидни и автоцензурирани дела.

+5

 

„The Apartment“ (1960) – Били Вајлдер

„The Hunt“ (2012) – Томас Винтерберг

„Fatal Attraction“ (1987) – Адриан Лејн

„The Florida Project“ (2017) – Шон Бејкер

„Кад будем мртав и бео“ (1967) – Живоин Павловиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот