МНР: И македонските државјани во Газа наскоро ќе се евакуираат преку граничниот премин Рафах

Амбуланта од Газа преминува во Египет / Фото: Mohammed ABED / AFP / Profimedia

Македонското Министерство за надворешни работи ја поздрави одлуката за отворање на граничниот премин Рафах, со што се овозможува евакуација на странските државјани, вклучително и петте државјани на Република Северна Македонија.

-Нашите државјани кои се наоѓаат во Газа веќе се вклучени во списоците за евакуација и истото очекуваме наскоро да се реализира согласно околностите на терен и динамиката на евакуација, имајќи го предвид големиот број странски државјани во Газа кои се дел од оваа операција. Преку тесна и континуирана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани, Министерството за надворешни работи е непосредно и континуирано активно вклучен, со цел нашите државјани да бидат безбедно и навремено евакуирани, соопшти МНР, одговарајќи на прашањето од „Слободен печат“ за можноста за евакуација на македонските државјани заглавени во Газа.

Утрово десетици странци и двојни државјани го напуштија Појасот Газа кон Египет преку граничниот премин Рафах, кој беше отворен за луѓето за прв пат во 26-от ден од војната меѓу Израел и Хамас, пренесоа светските агенции.

Ним им беше дозволено да влезат во терминалот денеска откако египетските власти објавија дека граничниот премин ќе биде отворен исклучиво за да се овозможи премин на речиси 90 ранети Палестинци и речиси 545 лица со двојно државјанство како и странци кои војната во Израел ги фати на палестинска територија.

Извори за Ројтерс запознаени со договорот за евакуација споменуваат дека има список со најмалку 500 странски државјани кои треба да го напуштат Појасот Газа, но додаде дека не се очекува сите да го сторат тоа денеска.

Околу 200 луѓе утринава чекаа на палестинската страна на границата, додаде изворот за Ројтерс.

Списокот со нивните имиња, националноста и бројот на пасошот беше споделен од администрацијата на палестинската страна на преминот.

Евакирани бугарски државјани преку Рафах

Бугарските медиуми објавија дека бугарски државјани од Газа веќе преминале на египетска територија, а други тоа ќе го сторат во текот на денот.

„Благодарна сум на сите што работеа за евакуација без да прават врева, без да прават пропаганда. Дури и ние бевме изненадени што тие работеа цело време – амбасадата во Египет, амбасадата во Рамалах, нашето Министерство за надворешни работи. Бескрајно сум им благодарна на сите“, изјави за БТВ бугарска државјанка која живее во Газа, но два месеци пред конфликтот дошла во Бугарија.

Во Газа останале нејзините тројца синови со семејствата, и денеска тие се евакуирани преку граничниот премин Рафах.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот