Многу сакаат да мразат

Наредните избори се испит на зрелоста на народот: дали сака европска, цивилизирана, демократска, економски просперитетна и правна држава, или држава во која ќе живее од полупразни чинии на маса и полни вреќи патриотски празнословиа, меѓународна изолација, според вкусот на кривоногиот блефер од Будимпешта, кој само чека шанса да се врати на бел коњ за лично и со неговите другари да ја докусурат Македонија.

Загаденоста на воздухот како топ-тема на секое македонско семејство само на моменти успева да го оттргне вниманието на народот од другата тема која се сведува на прашањето – што ли сега ќе ни подготват? Лошиот воздух, сепак, има ограничено негативно дејство, зашто малку посилното ветре го протерува од градовите чии жители потоа можат да здивнат. Другото општо загадување – политичките гадости, е многу поотровно и поопасно, пред сè, за психичкото здравје на луѓето. Валканиот воздух го загрозува физичкото здравје, политичките збиднувања го поматуваат умот на човекот од кој тешко може да се одбрани. Токму затоа – психичкото тормозење на кое секојдневно е изложен, на македонскиот граѓанин му убива секаква желба да се бори, да се спротивстави и го принудува да се пасивизира речиси до статус на билка од која ништо не зависи, да крене раце макар и од помислата за некоја ронка оптимизам и ветување дека можеби нешто ќе тргне кон подобро.

Токму тоа – човекот да биде сведен само на дел од молчалива, застрашена, дезориентирана и аморфна маса, беше, но и повторно оживува како омилена и проверено исплатлива политичка алатка на ДПМНЕ. Секојдневното бомбардирање со лаги, со огромни количества примитивизам, говор на омраза, понижување на неистомислениците со конструирање и постојано, дневно, повторување низ социјалните мрежи и некои ТВ-куќи кои се враќаат на своето најомилено сервилно ширење невистини, на најодвратни конструкти, јасно покажуваат на нивната целна група на следните избори. Тие не сметаат на поддршката на образованиот, начитаниот, културниот дел од населението кое низ својата критичка призма лесно ги открива сите махераи на опозицијата, нивната цел се сиромашните, социјално загрозените, заведените и оние кои лесно наседнуваат на зборовите како патриотизам, национално достоинство, идентитет…

Силата на овие зборови е продорна и затоа најмногу ги користат токму оние што истите тие граѓани 12 години ги пљачкосуваа, прогонуваа, заплашуваа со сè и сешто, од огромни казни до закани за физички опстанок, притвори, затвори, до укинување на правата за лекување, снабдувањето со лекови и слично. Сето тоа е насочено преку овие манипулации луѓето да заборават како живееја 12 години кога не смееја да писнат против власта и кога во нивните животи на голема врата повторно влезе она омиленото од еден друг период – „и ѕидовите имаат уши“. Додека народот шепотеше, плашејќи се од сопствената сенка, за тоа време најгласните пропагатори бесмилосно го ограбуваа на сите можни начини. Само еден мал, ситен, но предупредувачки пример: дали некој граѓанин на Велес смееше јавно да проговори врз основа на кои прописи Илија Димовски, сегашниот најупорен борец да се прекинат процесите пред судовите на криминалците од ДПМНЕ, имаше службено возило со возач кој го возеше за Скопје. Дење-ноќе. Или дали некој од Струмица се побуни и праша – со кој образ (пардон, не образ зашто го нема) или пропис Силвана Бонева ги наплатува сметките за превоз, иако седеше во Скопје…

Ова се само најбенигни примери колку за илустрација на моралот во редовите на ДПМНЕ. Слични случаи имаме и од некои други партии, но да се надеваме дека на претстојните избори нема да се појават на кандидатските листи за пратеници. Никој не постави прашање – колку станови, вили, хациенди, автомобили, камиони, насилно одземени фабрики, претпријатија… се најдоа во рацете на Мијалков и на неговата хохштаплерска братија? Дали некој може да ги наброи сите примери на бесрамно користење привилегии од најразличен тип? Тоа веројатно нема никогаш да се случи и народот да добие одговори за потеклото на парите за скапи партиски седишта, јахтите, летувањата на Флорида, Белизе, Малдивите, на Француската ривиера?

Ништо од ова не ќе беше можно без поддршка на полицијата, обвинителствата, судовите и на сите оние странични други инсталации, кои имаа само една задача: да ги штитат криминалците и нивните пари од раката на законот. Па, што се чудиме кога претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, самите негови колеги судии одамна го нарекуваа Јово Превара. И по тоа сме единствени во светот, како и по денешниот апсурд правосудните реформи да зависат од осомничените, обвинетите, амнестираните или осудените.

И сега, кога почнаа обидите да се најдат пред суд барем дел од тие што ограбуваа сè што ќе им дојдеше до рака, хистеричниот ДПМНЕ-овски хор вресна на сиот глас дека Владата прави прогон на неистомислениците, односно чуварите на македонското национално битие, патриотите, борците за слободна Македонија и слични пароли. Веројатно овие општи фрази им изгледаа многу излитени, па ја свртеа плочата, изјавувајќи дека ако дојдат на власт, ќе го укинеле „понижувачкиот“ Преспански договор за да ги вратат изгубениот/продадениот идентитет. Во нивниот патриотски манир не сакаат да го гласаат ни законот за АРМ, зашто бил насловен како закон за Армијата на Северна Македонија.

Со овие и слични националистички патоси од кои на секој здраворазумен граѓанин би добил грчеви во стомакот, креаторите на политиките на ДПМНЕ нишанат токму на оние групи граѓани на кои т.н. теориите на заговор против Македонија секогаш им биле последни за разбирање отколку фактот дека РСМ стана членка на НАТО, почитувана држава, со позитивен однос за соработка со соседството и, воопшто, мир во светот, одлепувајќи се од врежаното мислење дека станува збор за територија со заостанати погледи. Затоа наредните избори, без оглед на датумот на одржување, се всушност испит на зрелоста на народот: дали сака европска, цивилизирана, демократска, економски просперитетна и правна или држава во која ќе живее од полупразни чинии на маса и полни вреќи патриотски празнословија, меѓународна изолација, според вкусот на кривоногиот блефер од Будимпешта, кој само чека шанса да се врати на бел коњ за лично и со неговите другари да ја докусурат Македонија, доведувајќи ја на прагот на самоуништување и пропаст. Многу сакаат да мразат. Друга емоција и немаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот