Младиот тапанар и член на „ДНК“, Ѓорѓи Ѓорѓиев од Струмица го загуби животот во страшниот пожар во Кочани
Младиот талентиран музичар и член на бендот „ДНК“, Ѓорѓи Горѓиев од Струмица, кој се истакнуваше со својот музички талент, го загуби животот во трагичниот пожар што избувна во градот Кочани.
Препорачано
Познат по својата љубов кон музиката и својата посветеност во музичката сцена, Ѓорѓи беше многу ценет и почитуван од своите пријатели и соработници, пренесува „Струмица денес“.
Веста за трагичната смрт на младиот музичар на социјалните мрежи ја објави и неговиот брат.
„Окце мое почивај во мир, ќе ми недостигаш. Многу те сакам“, напиша неговиот брат Димитар покрај фотографијата со Ѓорѓи.

По веста за смртта на Ѓорѓи се огласи и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов:
„Ах бре убаво дете, сите списоци сите болници баравме за да те најдеме, само да ни кажат дека си тука… Со неизмерна тага ја примив веста за трагичната загуба на нашиот сограѓанин, Горги Горгиев, кој го загуби својот живот во страшниот пожар во Кочани. Струмица загуби талентиран музичар, пријател и човек со големо срце, кој преку својата музика ширеше радост и емоции.Во овие тешки моменти, моите мисли и молитви се со неговото семејство, најблиските и сите кои го познаваа и сакаа. Нека почива во мир, а неговата музика и споменот за него вечно да живеат во нашите срца“, пишува во неговата објава.


