Млади студенти работат во „средовечни“ лаборатории

Лабораториски вежби во Лабораторијата за електрични мерења - httpsfeit.ukim.edu.mk
Бројот на квалитетни лаборатории во македонското високо образование е многу мал, Фото: ФЕИТ

Опремата е застарена, истрошена и искршена, некаде и пред распаѓање, зашто е стара и по половина век. Сето ова е причина групите со студенти чија настава содржи вежби да се до трипати поголеми од предвиденото.

Бројот на квалитетни лаборатории во македонското високо образование е многу мал, дел од опремата во нив е стара половина век, а и наставните кадри секоја година се намалуваат, се жалат професори од техничките факултети во земјава. Опремата во лабораториите каде што се држи практична настава е застарена, истрошена и искршена, некаде и пред распаѓање, зашто е стара и по половина век. Сето ова е причина групите со студенти чија настава содржи вежби да се до трипати поголеми од предвиденото.

Проф. д-р. Наташа Ристовска, раководител на Институтот за хемија при Природноматематичкиот факултет во Скопје, вели дека опрема има, но сите нејзини колеги се согласуваат дека треба да се модернизира.

Наместо развој – застој

– Научниците се признаени преку многубројни научни, едукативни и стручни публикации во високорангирани меѓународни списанија. За жал, опремата и инструментите во студентските лаборатории се стари повеќе од 40 години и итно е потребна модернизација за да се следат современите текови во практичната настава, компетенциите и искуствата со кои се стекнуваат студентите. Долго заостануваме зад развојот на технологијата и имплементацијата на современи инструменти во практичната настава за студентите, за што се потребни вложувања од државата – вели д-р Ристовска.

Таа додава дека на Институтот за хемија има лаборатории што се опремуваат со помош на проекти. Студентите на втор и на трет циклус студии ги работат своите магистерски и докторски трудови на современи инструменти и апаратура.

– Одобрувањето на девет проекти на Институтот за хемија од Министерството за образование и наука, значат унапредување на условите во лабораториите. Се надевам дека овие вложувања ќе продолжат континуирано и во иднина – вели д-р Ристовска.

Според студентскиот правобранител на УКИМ, Теа Мицевска, генералниот впечаток на студентите е дека најголем дел од лабораториите на факултетите се застарени.

– Во помал број се оние лаборатории што се реновирани со соодветни услови за изведување практични вежби. Факултетите имаат обезбедено опрема, но таа е со ограничена употреба, бидејќи е застарена. Со нова опрема и модернизирани услови за работа на многу полесен начин практично ќе се примени теоретски стекнатото знаење на студентите – вели Мицевска за „Слободен печат“.

МОН: Буџетот за образование расте во континуитет

Министерството за образование и наука (МОН) го изготви предлог-буџетот за образование за 2022, кој е зголемен за 6,5 отсто, или 25 милиони евра во споредба со 2021 година. Со 318 милиони денари се финансирани научноистражувачките проекти од високообразовни установи на повикот што Министерството го распиша пред неколку месеци и е наменет главно за модернизација на лабораториите. Од вкупниот буџет за проектите, 70 отсто, или 224 милиони денари се средства од МОН, велат од Министерството.

– Ако во 2018 година вкупниот буџет за наука бил 252 милиони денари, за оваа година имаме 400 милиони денари. Финансиите растат во континуитет за да можеме да постигнеме инвестиции во науката за понатаму да биде аплицирана за подобрување на квалитетот на граѓаните што имаат потреба од неа – истакна министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа додаде и дека од 67 барања, одобрени се 44, од кои пет се за формално признавање на компетентноста и акредитација, 25 се за вовед на нови аналитички методи и 14 се за нова лабораториска опрема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот