Митовски: Лекарскиот извештај е доказ од судска постапка, Димовски изврши кривично дело со неговото објавување

Жалам што синдикалната борба и борбата за работнички права поради лични интереси на некои поединци се сведе на лична пресметка со мене, рече на денешната прес конференција в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Марјанчо Митовски, кој се обиде да одговори на некои од синдикалните обвинувања упатени до него.

Што се однесува до наводните пресметки, откази и навредувања веднаш сакам да потенцирам дека до овој момент ниту еден редовно вработен не е избркан од работа. Точно е дека има хоризонтални поместувања кои не се со решение, кои не се трајни туку се времени задолжувања поради реална потреба на претпријатието. Ниту се скратени платите на овие привремено прераспоредени, ниту се намалени бодови за плата, ниту пак се деградирани на било каков начин. Она што е точно е дека од нив се бара единствено да работат, да си ги извршуваат своите работни задачи за кои се платени – рече Митовски.

Според него не е точно дека се водат дисциплински постапки против 40 лица, постојат, како што рече, неколку дисциплински поради тешки повреди на работното место кои биле констатирани од внатрешната ревизија.

Ги охрабрувам синдикалците максимално да го искористат своето право на штрајк, да се борат за работничките права сега кога имаат можност, затоа што кога јас бев жртва на мобинг и моите права беа прекршени ниту овој ниту било кој синдикат немаа можност да застанат во одбрана на моите работнички права ниту на моите колеги бидејќи беа заплашувани, уценувани и замолчувани – рече директорот на „Водовод и канализација“.

Тој посочи дека лекарскиот извештај, кој денес пред јавноста го обелодени првиот човек на ССМ Дарко Димовски, бил доказ во судска постапка во која тој тужел за мобинг на работно место.

 Сакам да го информирам Дарко Димовски дека со објавување докази дадени во судска постапка, кои содржат лични податоци тој изврши кривично дело по член 149 злоупотреба на лични податоци од Кривичниот законик – нагласи Митовски и замина од прес конференцијата, не дозволувајќи им на новинарите да постават прашања, туку ги упати прашањата да му ги пратат за да им ги одговори.

Синдикалната организација на „Водовод и канализација” и Синдикатот на угостителство, туризам и комунални дејности (СУТКОЗ) денеска повторно  побараа од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да го разреши в.д. директорот на претпријатието Марјан Митовски поради, како што велат, незаконско работење.

Од Синдикатот беше презентиран и документ од специјалист дека в.д. директорот има „мешано анксиозно и депресивно растројство”.

Градоначалникот именува директори на јавните претпријатија и градоначалникот разрешува директори на јавни претпријатија и согласно тоа ја сноси целокупната одговорност за нивните постапки и активности, како и ја сноси одговорноста за нивниот избор и назначување – истакнаа  од синдикатот.

Синдикатот донесе одлука за користење на правото на штрајк која се очекува утре да биде потврдена на највисокиот орган на Синдикатот СУТКОЗ по што ќе биде известено Министерството за труд и социјална политика веднаш да определи медијатор. Медијацијата ќе трае 10 дена, а потоа ќе се одлучи какви чекори ќе се преземат понатаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот